Јовановски: Власта доби парапетче и среден прст од охриѓани

Охрид, 27. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – По Заев и СДСМ, во Охрид дојдоа и Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

На голем семакедонски општонароден собир против шпионите и предавниците се собраа во спортската сала „Билјанини Извори“. И не само охриѓани туку и битолчани, вевчанци, стружани, прилепчани, ресенчани и други. Автобусите кои доаѓаа од другите градови со луѓе кои требаше да им бидат помош на охриѓани се паркираа низ неколку тајни локации да не бидат забележани. Ама луѓето од автобусите наместо помош беа мнозинство во салата.

Градоначалникот Бакрачески своето обраќање го започна со тоа дека не им била дадена на користење спортската сала во 2013 година затоа што можел да попушти паркетот, но во саботата паркетот сепак не попуштил. Па како бе градоначалник да попушти кога на него имаше помалку луѓе отколку играчи на еден ракометен натпревар на пример.

Премиерот Груевски го осети ендемскиот вид на охриѓани во саботата на големиот народен собир. Парапетчето и средниот прст што охриѓани и го покажаа на власта во саботата доволно говорат за нивните дела, како за Охрид така и за Република Македонија. Бројката на собирот во салата која впрочем има капацитет за околу 2.500 посетители е најдобриот показател за ветувањата во 2013 година за Охрид. Тогаш, во кампањата на локалните избори пред охриѓани ја бараа локалната власт, па граѓаните ќе виделе што се инвестиции во Охрид.

Па никој нормален не сака да ги слуша ветувањата на премиерот Груевски во саботата за почеток на изградба на затворениот базен кој беше најавен уште во 2006 година, за инвестициите кои само што не се оствариле во Охрид, за вработувањата кои следуваат во наредниот период, за фантазиите и бајките.

Вицкастиот говор на премиерот не беше интересен за посетителите, па тргнаа да ја напуштаат салата. И во еден момент, на средина на говорот на премиерот, скоро празна сала. Да не зборуваме да мрачната атмосфера во текот на целиот собир. Сончевото време и природната убавина на Охрид, која некој сака да ја уништи, беа далеку попривлечни за оние кои со автобуси беа влечкани од другите градови.

На крај, жалам за добродушните секретарчиња, градоначалничето и координаторчето во заминување што ќе бидат искарани од центарот во Скопје за дебаклот кој власта го доживеа во Охрид. Тоа нека им биде поука дека Охрид не е нивна лична своина и не можат да прават што сакаат со него.

Филип Јовановски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.