Јовановски: Градоначалник, каменот од блиску доаѓа, знаеш тоа?

Охрид, 30. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Иако се очекуваше расправата на последната седница на Советот на Општина Охрид да биде далеку пожестока, а гласањето да биде само формалност, се случи обратното. Моментот на гласање и резултатот од гласањето ги изненади сите. Освен можеби некого кој знаел што се случувало изминатите денови.

И така, претседателката на Советот, Гордана Коњановска кога ги изброја советниците кои гласаа за, Бакрачески ја наведна главата. Се скрши цврстото мнозинство на власта во Охрид предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Распука бетонот кој требаше да му овозможи на Бакрачески одлуките како градоначалник без никаков проблем да се одобруваат од страна на Советот.

Покрај тоа што одлуката за поништување на постапка за јавно-приватно партнерство за системот за јавно осветлување беше еден од најголемите гафови на градоначалникот во неговиот мандат до сега, поразот од својата партија е она што го направи Бакрачески да ја почувствува болката од ударот на блиските. Некомплетниот број на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, намерно или не, му кажаа стоп на Бакрачески, барем во една одлука.

Образложението за поништување на постапката за осветлувањето, која всушност пред само две недели ја бранеше и мнозинството ја изгласа, беше дека со нова постапка ќе обезбеделе подобри услови за Општина Охрид во делот на собраната такса. Пред само две недели, условите беа идеални, се беше во најдобар ред. Е токму затоа ова е еден од најголемите гафови на градоначалникот во досегашниот мандат.

Следствено на тоа, ќе бара ли градоначалникот поништување за одлуката за изградба на затворен пазар за скоро време, сметајќи дека Општина Охрид ќе добие подобри услови и поголем процент?! Ќе бара ли Бакрачески поништување на сите одлуки до сега кои ги донел, сметајќи дека Општина Охрид ќе добие подобри услови и поголем процент?!

Како и да е, Бакрачески вчера беше поразен токму од своите. Најверојатно градоначалникот вчера на своја кожа осети дека каменот од блиску доаѓа. Во иднина, поучен од вчерашната седница, исто така најверојатно ќе внимава повеќе на одлуките кои ги предлага Советот да ги усвои.

Филип Јовановски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.