Јовановски: #ФалаНикола за се што стори за Охрид, не троши ги повеќе твоите години на нас

Охрид, 5. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот Никола Груевски во говорот на последниот конгрес на партијата посебно истакна дека најубавите години ги потрошил на Македонија и некој немало да му каже „Фала“. Не е точно. Еве Премиере, гледаш дека откако побара едно скромно „фала“ од граѓаните на Република Македонија, во изминативе два дена доби многу благодарници, особено на социјалните мрежи.

И јас, како охриѓанец сакам да ти се заблагодарам за се што стори за мојот град и за жителите во него. Барем за оние малкумината кои останаа. Најпрво сакам Никола, да ти кажам едно особено фала за тоа што ги задржа охриѓани понатаму да живеат во својот град. Фала ти за тоа што, повеќе од половина од мојот клас од средношколските денови ги испрати насекаде низ светот и сега кога сум излезен „Кај Паткана“, а тие во некој паб во Америка, преку интернет комуникациите се сеќаваме на спомените наместо да седиме еден до друг и заедно да испиеме по едно пиво.

Фала ти Никола, за состојбата на една од некогашните најголеми фабрики во Македонија, познатиот гигант ЕМО, чии работници секоја недела излегуваат на улиците низ Охрид барајќи да им се исплатат платите кои со години не ги зеле, како и да се реши нивниот статус. Фала и за странските инвестиции и отворени фабрики кои вработија илјадници охриѓани, а ги најавуваше уште во 2006 година кога граѓаните те гласаа за некакво подобро утре.

Фала Никола за затворениот базен кој долги години се најавува за Охрид, а само што не почнал да се гради ама сепак ќе изгледа многу убаво. Фала и за изградените спортски терени, развојот на спотот во Охрид. Голема благодарност за автопатското поврзување на Охрид со Битола и со Скопје, како и за експресниот пат до Пештани. Доколку почесто доаѓаше во нашиот град и барем малку повеќе се заинтересираше за него, ќе забележеше во каква состојба се патиштата кои водат кон Охрид.

Фала ти Никола, што како претседател кој потекнува од демохристијанска партија, и го одзеде атрактивното земјиште на Црквата и влезе во судски спор со неа. Фала и за белосветскиот измамник Субрата Рој кој ни го донесе. Особено фала за уништувањето на Плаошник со огромните градби меѓу кои ќе се изгуби еден од најубавите духовни храмови.

Фала Никола и за уништувањето на природните богатства на Охрид, фала за намерата да се урбанизира природниот филтер на Охридското Езеро, Студенчишкото блато. Фала ти и за прогласувањето на Љубаништа за туристичка развојна зона, па откако не успеа со индискиот измамник, сега најавуваш други наводни инвеститори. За ова, посебно фала имаш и од жителите на Љубаништа.

Фала ти Никола и за стравот што го имаат некои познаници да испијат едно кафе со мене, затоа што сум критички настроен и не се согласувам со правецот во кој се движи Република Македонија. Фала за етикетите како „предавник“, „соросоид“, „шпион“ и слично, кои му се лепат на секој слободоумен граѓанин.

Има уште многу работи за кои треба да ти се заблагодариме ама сепак жал ми е што најубавите години ги потроши на нас. Што и да се напише, нема зборови со кои може да се искаже благодарноста за стореното до сега. Но, доволно беше Никола. Годините што следат, немој веќе да ги трошиш на граѓаните затоа што не знаат да ценат. Сосема на крај, се надевам дека е препознатлива иронијата во одредени делови од текстот.

Филип Јовановски

0465zaednicka

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.