Засилена безбедноста околу охридската Полициска станица
Охрид, 10. мај 2015 (ИНПРЕС) – По вчерашните немили настани во Куманово, засилена безбедноста околу охридската Полициска станица.
Полициските службеници ги проверуваат сите возила кои се движат во реонот во кој се наоѓа станицата и тоа од двата влеза – од улицата „Абаз Емин“ и од „Македонски росветители“.
Зголемените мерки за безбедност доаѓаат откако вчера се случи вооружен инцидент во кумановската „Дива населба“, каде по цели 16 часа престрелки, полицијата успеа да ја разбие вооружената терористичка група.
Во акцијата загинаа пет припадници на полициската единица „тигри“: Жарко Кузмановски (32) од Брвеница, Сашо Самоиловски (32) од Тетово, Ненад Серафимовски (28) од гостиварското село Зубовце и уште двајца полицајци чии имиња не беа соопштени, бидејќи семејствата допрва требало да бидат известени за нивната смрт. Ним и на повеќе од 30-тина повредени припадници на полицијата, министерката Гордана Јанкулоска, вчера на прес конференција им оддаде признание, како што рече, за покажаната невидена пожртвуваност за заштита на суверенитетот и безбедноста на Република Македонија.
Косовските медиуми вчера објавија дека одговорноста за нападите врз македонските полициски сили ја презела Ослободителната национална армија (ОНА). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |