Избор Охрид

Крст Џамија – симбол на меѓуетничкиот соживот во Охрид

Охрид, 11. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Од многуте легенди и преданија кои се кажуваат за таканаречената Крст џамија или со вистинско име „Хаџи Дургут џамија“ во Охрид, за сите заедничко е дека морало да се направи компромис меѓу двете религии, православната христијанска и исламската, за да опстои објектот.

Според некои од жителите во околината на џамијата, на ова место требало да се гради црква, но Турците Османлии не дозволувале. Според други, се градела џамија уште пред повеќе од 500 години, но минарето секогаш паѓало, се додека на ѕидарите не им се сонило дека треба да стават крст за верскиот објект да стои.

Овој културно историски споменик стоејќи на пресекот на улиците „7-ми Ноември“ и „Марко Несторовски“, до ден-денес служи како ориентација на движењето и на месното население, но и на гостите кои го посетуваат Охрид.

Локалното население не забележало голем број на туристи да ја посетуваат џамијата, но велат дека сите слушнале за името Крст џамија. Оттука полесно се снаоѓаат да продолжат понатаму онаму каде што планираат да одат. А легендите според охриѓани се различни за тоа од каде потекнува името и како била изградена.

– Уште од кога ја граделе, имало и крст, а уште го има. Ова е културно-историски споменик. Не знам точно од кој век е, но стара е.

– Таа требало да биде црква. Но во Отоманско време, не се дозволувало да биде црква. Бидејќи Османлиите живееле на македонска територија, решиле да направат некаква спогодба и на врвот ставиле крст. Затоа и се вика вака народски Крст џамија, велат охриѓани.

Постарите жители се сеќаваат на кажувањата на нивните предци, дека христијанското население сакало на местото, кое уште од дамнина било „распаќе“ во Охрид, да подигне црква. Но Турците не дозволувале да биде така во периодот на нивната империја. Џамија направиле на тоа место, но при градењето, минарето секогаш паѓало. Некој стар жител им рекол се додека не стават крст на џамијата, нема да ја направат. Некои велат дека Турците го ваделе крстот и го фрлале во езерото, но следното утро тој повторно бил на старото место.

– Има тапии од турско, се чуваат во архиви, дека одамна е направена џамијата. Под заштита на УНЕСКО е. Внатре на ѕидовите има арапско писмо, објаснува еден жител.

Според историските податоци, „Хаџи-Дургут џамијата“ била изградена во 1466-та година, по желба на османлискиот аџија Дургут. Во стручната јавност не се правени посебни истражувања за тоа од каде потекнува името на џамијата. Има претпоставки дека пред да никне џамија, на ова место имало православна црка „Света Недела“.

Пред неколку години се уредуваше дворот и оградениот простор околу џамијата, а мали поправки и реконструктувни зафати беа направени и на минарето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука