Избор Македонија

Општина Куманово со помош за жителите, државата ќе даде обештетување

Куманово, 12. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, вели дека досега повеќе од 60 лице од Куманово побарале помош по дводневните борби во местото Дива населба.

Според него, граѓаните на Куманово, заедно со општинските власти, се подготвени да им помогнат на сите што останаа без покрив над главата, без разлика на етничката припадност.

– Се прават списоци за помош во храна и хигиенски средства во пунктовите каде што се пукаше. Нема пријавени лица за прифаќање во прифатните центри бидејќи некои од жителите се вратиле во своите домови, а некои се сместени кај роднини, изјави Дамјановски за Телеграф.мк.

Општината за оваа намена одвои два милиони денари. Оттаму уште велат дека состојбата во градот е мирна, но дека се забележува вознемиреност кај граѓаните по она што го преживеаја во текот на двата дена интензивни престрелки. Како мерка на претпазливост и денеска нема да работат средните и основните училишта во градот. Во училиштата се воведени 24-часовни дежурства со неколку тима.

Во функција на оние чии домови се разрушени се ставени три училишта, кои ќе се искористат како прифатни центри за раселените.

Во тој дел од градот живеат околу 6.000 луѓе, Македонци и Албанци. Отворена е и СОС-линија за пријавување на лицата што се раселени.

Владата веќе најави дека за сите сопственици на куќите, кои беа оштетени во борбите на полицијата против терористите, ќе им биде дадена финансиска отштета по процената на штетите. Се формираше комисија за проценка на оштетувањата на недвижниот и движен имот во местото каде што се одвиваше акцијата, која во рок од 7 дена треба да излезе на терен и да подготви и да и достави извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и Општина Куманово. Владата зазема став да се изврши обесштетување на недвижниот и движен имот во висина од 100% од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата. (Крај)

извор: Телеграф.мк. фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука