„Бог и рокенрол“ монах Арсениј: Преку дрогата и смртта на пријателите од ЕКВ до Бога
Подгорица, 12. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Носи Ray-Ban очила, тој е најдобриот пријател на починатите членови на култните ЕКВ со многу километри зад себе, невообичаена благост во погледот која ве „разоружува“, има црвенкаста брада и најширока насмевка.
Со истата таа насмевка отец Арсениј ги пречекува сите добронамерници што дошле да се поклонат на моштите на свети Василиј во Острошкиот манастир каде сега живее. По струка е стоматолог, но со професијата речиси не се занимавал. Откако се замонашил, преокупација му е православната психотерапија. Се обидува да ги излечи оние што се скршени и што сфатиле дека немаат контрола над самите себе. Вели дека терапијата е успешна само кај оние што се држат до принципите на лекувањето.
– Ги лекувам наркоманите и алкохоличарите, но и оние што се зависни од пиење разни таблети. Секој ден имам контакт со два-тројца духовни пациенти. Ние не можеме да одиме и да ги спасуваме луѓето на сила, туку им помагаме само ако ни се обратат. Првичната терапија е со Исусовата молитва, вели отецот Арсениј.
Во манастирот најмногу се лекуваат психичките болести. Но успех има и кај оние што немаат деца.
– Доаѓаат од секаде – од Европа, но и од другите континенти. Сите имаат различни животни приказни. На сите треба да им се даде шанса повторно да живеат нормално. Јас ги разбирам зашто и јас има преживеано многу лоши работи. Бев зависник. Ми требаше многу време да го достигнам ова ниво и да можат да го пренесам своето искуство на другите луѓе, објаснува отецот.
Вели дека посетителите што се интересираат за неговата дејност ги кани во својата одаја на разговор со сок од калинка. Тој е од ретките монаси што признале дека во минатото воделе неморален живот.
– Начинот на живот се одвива поинаку од порано. Сега сѐ се прави набрзина. Затоа нема време за чекање. Оние што искусиле нешто поинаку, нешто полошо треба искуството да го пренесат на верниот народ. Тоа е единствениот начин да им се приближиш на верниците и да им помогнеш, додава отецот Арсеније.
На верниците често им ја покажува галеријата со книги што се печатат за потребите на манастирот. Знае и да подари понекоја. Обично тоа е книгата што тој ја напишал. Се вика „Бог и рокенрол“. Во неа ги опишува трагичните судбини на своите другари од минатото, кои го загубиле животот поради дрогата. На таа тема држи и предавања. Тоа го прави на телевизија, радио или во манастирот.Исклучително е интересен и моментот на неговата дружба и големо пријателство со членовите на некогашната култна српска група Екатерина Велика ЕКВ. Отец Арсениј зборува отворено за пороците и пријателството со музичарите.
– Ќе се надуваш со хашиш, ќе ја земеш гитарата и тргнуваш во свој свет, а во тој свет си на само чекор од самоубиство, ја започнува приказната Арсениј.
– Родени сме во Белград и бевме неразделни од детството: јас, Милан Младеновиќ, Бојан Печар, Маги, Ивица Видовиќ… Бојан и јас во тоа време имавме и своја група во кој јас пеев и свирев клавијатури. Бевме луѓе кои сакавме нешто ново. Ние бевме типични деца на белградскиот асфалт, со големо срце и талентирани за уметност. Меѓутоа, тргнавме по пат кој не го планиравме, а во тој комунистички период можеби тоа беше и единствениот начин да го искажете својот бунт, се присетува монахот.
Вели дека сите негови пријатели – музичари, поети, глумци, сликари – биле покосени од сида, хепатитис или некаде биле пронајдени предозирани. Со тага се сеќава дека најтежок момент за него била загубата на најдобриот пријател од детството, сликарот Душан Герзиќ Гера, кој починал од предозираност со хероин.
– Гера беше прекрасен човек со огромен талент, но и него го покоси хероинот. Беше еден од идолите на тој тогашен млад свет, а впрочем требаше да биде анти идол. Рокенролот остава лузни и тешки последици, ги враќа сеќавањата Арсениј.
Во неговата книга „Бог и рокенрол“, тој го опишува страдањето на членовите на популарната група Екатарина Велика. Таму открива дека прв од хероин починал Ивица, веројатно најдобриот тапанар во Белград на сите времиња. Потоа заминал и лидерот на групата, гитаристот Милан, пејач и исклучително талентиран композитор.
– Во Лондон почина басистот Бојан, а последна почина Маргита, клавијатуристката и еден од најпрепознатливите членови на бендот.
Дипломираниот стоматолог Александар Јовановиќ, денес монах Арсениј, тврди дека е компетентен да зборува за овој свет, затоа што има големо животно искуство, и тоа не било какво. Иако беше сопатник на EX-YU музичките икони, сепак успеал да се спаси на свој начин.
– Баш затоа што се сите мртви, затоа што ги гледав како браќа и сестри, децата не треба да ги живеат така. Пишував отворено, а Господ ми е сведок дека ништо не измислив, затоа што на некој начин, јас бев најлош од сите, признава Арсениј.
Нивните настапи, тој ги објаснува како „мистични обреди“:
– Тоа беа вистински електрични литургии, а дрогата беше причесна. А ако светот на рокенролот е толку добар, зошто тогаш би ни биле потребни наркотици, поставува прашање до себе и до сите млади отец Арсениј.
– Човекот е слободно битие и многу често прави лошо за себе и за другите. Во текот на мојот монашки живот се борам и можеби никогаш нема да се изборам против првите две децении од мојот живот. Мое е да се обидам да им го објаснам на луѓето она што не го гледаат, што не го искусиле. Јас читав и видов се` и сешто. Она што сега го знам е дека треба да се ужива во овој свет и да се конзумира животот на вистинскиот начин. Рокенролот има некоја смисла само во почетоците и ако биде некој вид бунт против сивилото на секојдневнието. Ако се помине оваа граница и се конзумираат наркотици, тој станува отровен, а ако се претера и смртоносен. Верувајте, само она што е створено од дамнина, денес е живо, заклучува отец Арсениј. (Крај)
извор: Инпрес/Нова Македонија/ Телеграф.рс фото: Инпрес/Телеграф.рс
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |