crnaovca

Солун е ВАШ!!!

За Охридцките работи
Бр. сл. 018/05/2015
Охрид, 16. мај 2015 година

Од инбоксот:

– Оди ти, ние сме тука ако треба нешто…
– Ми рекоа да ти пишам тебе…
– Не можит бе брат ова вака…
– Ни едните, ни другите, бегам јас…
– Ево ова објави го, јас не сакам да се експонирам…
– Абе јас се` знам што тој има правено, ама другар ми е…
– Извини, не можам да дојдам, јас имам деца…

Е вака сега, пошто јас немам деца, а мене Јорде пред врата ме најде пред 40-тина години, само два три збора.

Кинезите често како благослов посакуваат – „Да живееш во интересно време“. А никогаш не било поинтересно од сега и подобро време од деновиве за конечно да си кажете искрено што мислите и да направите нешто за да Ви биде подобро. Никој и никогаш нема да направи нешто за вас, ако не кажете ДОСТА и јасно и гласно порачате што всушност сакате. Видоа „началнициве“ со кого си имаат работа, ни го втераа стравот в коски и сега ни сме смеат и не гледаат како човечиња како се криеме по дома и ќе ќутиме.

Нормален човек тешко може да ја прими информацијата дека познава двајца родени браќа (жива вистина) кои не зборуваат затоа што едниот го поддржувал едниот лидер, а другиот го преферирал првенецот на другото племе. Како да разбереме дека не сме водечката економија во Европа, дека неколку стотини илјади луѓе ни заминаа или зедоа туѓи пасоши, дека има живот помеѓу две „Бомби“, дека автомобилите на најголемиот дел од нас чинат колку левиот жмигавец на „Мерцедесот“ на овие скромниве, дека никој не гарантира што ќе се случи со „шрапнелите“ од „Бомбите“ кога лудилото ќе стивне и кој се` потоа нив ќе може да ги употребува или злоупотребува, дека…

Во каква „луда“ средина живееме можевме сите заедно да видиме и деновиве, кога во неколку дена имавме протест против „бруталноста на полицијата“, за неколку дена подоцна, кога „ѓаволот ја однесе шегата“, да организираме собири за поддршка на истата таа полиција. Па театри со знамиња и гушкања на полицајци, па советници-генијалци со изјави на национални телевизии дека „полицајците ни ја донеле слободата“… Се` помина, само ми останаа под прозорец полицајците со панцири и автоматски пушки уште неколку денови, кои као некого нешто го проверуваат и као нешто бараат. Сето тоа ме потсети на една сцена од „Балкан кан“ кога генијалниот Владо Јовановски гледа како се води војна на телевизија, а кога ќе погледне надвор од прозорецот го гледа истото што го гледа на телевизија.

Еден мал совет, па ако сакате прифатете. Ништо да не правите за идеали и некакви замислени големи приказни, деновиве е најдобро да бидете себични – и тоа посебични од било кога во животот. Направете промени кои се најдобри за Вас и вашите најблиски. Ако сите го направиме тоа, на сите ќе ни биде подобро, ќе се придвижи напред државата. И никој никогаш повторно да не не клекне толку на колена. Бидете себични и не бидете скромни, животот е многу повеќе од 200 евра плата и границата од Ќафасан до Куманово. Вие треба и мора да живеете подобро. Доволно и премногу сме му дале на светот за сега да можеме слободно да кажеме дека сме биле Европа пред голем дел од ова што денес ни се претставува како Европа и европски вредности…

vladojovanovskiКога се случи „игранката“ во Куманово случајно бев надвор од земјава и кога се враќавме во саботата почнавме да добиваме СМС пораки: „200 мртви“, „100 загинати“, илјада вакви, терористи, Талибанци, не влегувајте ваму, влегувајте таму… Кој како слушнал и го доживеал тоа што ни се случи (повторно). Сите заедно се чувствувавме како да сме дел од филмот „The Terminal“ на Стивен Спилберг со Том Хенкс како Виктор Наворски, кој патува во САД од неговата родна Кракозија. Додека Виктор патува до САД избива војна во Кракозија и државата престанува да постои, па тој останува да живее на аеродромот.

Хаос…

theterminalАко некој се препозна и засрами во инбоксот најгоре, супер, баш ми е мило, значи уште има надеж за нив…

А за другото…

Кога гледам кој се` не води од најгоре до најдолу, просто е неверојатно како некои луѓе биле најбрзите сперматозоиди. Тоа им е првата и последната победа во животот.

И да не заборавам – Македонија е свето име, мамето ваше. Потрудете се да не го обрукате…

Живи и здрави да сте сите…
Солун е ВАШ, не ми треба…

Сашо Митан