Бавчанџиев: Еротски соништа – за Македонија

Македонија, мај 2015-та,

Го вклучувам 55 инчниот LCD 3D тв, директ на National Geographic. Емисија посветена на „трендот“ во високо развиените земји меѓу кои на прво место е Македонија.

Економската состојба во нагорен тренд, стапката на „вистинска“ невработеност е -3,1446642255 %, со можност ако владата ги изреализират сите „чекори“ да бидиме приморани да увезуваме евтина работна сила од: Норвешка, Данска, Шведска… Градежништвото и без тоа доживува експанзија од се` поголемиот број емигранти од Австралија, Америка, Канада. Истите веќе можат пристојно да се сместат во социјалните станови од по 160 м2 како дел од проектот: „Грабни плац, крени стан“!

slikapetarТрендот на поевтинување се рефлектира врз заштедите на граѓаните кои и онака беа ставени во „македонските“ банки со скромни 45 % камата на годишно ниво.

Здравството е во невидена хармонија. Со реклами се придобиваат пациенти од Швајцарија, Франција, Словенија за барем малку да се пополнат празните кревети во државните клиники. За разлика од нив пак приватните се веќе затворени, а професорите се во пензија, со примања од по неколку десетици илјади евра.
Од Црвениот крст на Република Македонија информираат дека деновиве ќе донираат цитостатици во братските: Бугарија, Грција, Албанија и далечна Арабија.

Министерот за земјоделство е задоволен од аграрната реформа. Анализите покажаа дека за да измине рокот на употреба на огромните субвенции во земјоделството, најголемиот дел од постарите граѓани ги напуштаат својте огништа и се гнездат по селата.

На полето на енергетиката владата реши наместо да не вклучи во рускиот гасовод, во секое домаќинство зимава да спроведе цевки од која ќе течит мед и млеко…

Од спортот: Стандардно Македонија со помош на судиите станува трикратен европски првак во кошарка и  вицешампион во ракомет. „Разумен компромис“ постигна и ватерполо репрезентацијата. Тимот ќе го сочиунуваат 90 посто играчи од Србија, но ќе носат бели капчиња и златен лав.

Шпиунските и злосторнички здружувања се категорија во изумирање што придонесе службата за  разузнавање да се трансформира во козметички салон за надоградба на нокти и депилација на мустаци. Министерката за внатрешни работи самата се увери во квалитетот на услугата.

Учебната година започна со акцијата презерватив за секое дете и воведување на задолжително сексуално образование. Не е ни чудно, рачунајќи дека наталитетот ни е во огромен пораст. Експертите размислуваат и за доделување бесплатни адвокатски услуги при бракоразводни постапки и предмети од семејното насилство.

Социјалните служби отворија советувалишта со цел да ги натераат луѓето да посветат повеќе време на своите швалерки наместо на своите деца, да вртат скаричка, пијат пивце со пријателите и барем еднаш неделно задолжително да одат во кладилница.

Нашата надворешна политика сеуште е важен фактор за мирот и стабилноста во Украина и Авганистан, а наскоро „експети“ ќе испратиме да преговараат и со Исил.

Шведска: мај 2015: Тииииииииииииит, тит тиииииииииииииииииииит тииииииииииииии…. Оф Боже…  сепак само сон…

РАЗБУДИ СЕ ЧОВЕЧЕЕЕЕЕ!!!

Петар Бавчанџиев

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.