Јовановски: Денес #протестирам за промени

Охрид, 17. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во раните утрински часови не можев да останам без да напишам збор два за денешниот граѓански протест. Со неколку другари за скоро тргнуваме за Скопје на мирен, ненасилен и народен собир пред Владата на Република Македонија. Мојот револт за дното кое го допре нашата држава ќе го искажам заедно со уште илјадници сограѓани.

Протестирам од многу причини. Иако сум имал лични проблеми со оваа ненародна и диктаторска власт, сепак тие ги ставам на последно место. Денес излегувам за тотални и целосни промени во државата. Промени на правецот во кој се движи Република Македонија, промени за иднината, промени за подобро утре. Пред се`, протестирам затоа што не сакам да ја имам истата судбина која ја имаат многу мои другари и денеска се насекаде низ светот, само не дома. Да, не сакам и јас да заминам од мојата татковина и сакам и тие да се вратат назад.

Протестирам, затоа што денес е опасно по живот јавно да го искажеш својот став. Демократската состојба во Република Македонија е на ниво што големи диктатори од минатото можат да ни завидат. Денес не смееш да имаш различно и критичко мислење затоа што во истиот момент си соочен со етикети од типот „предавник“, „државен непријател“, „соросоид“ и слично. Стравот мора ние да го победиме. Власта зависи од нас, граѓаните.

Протестирам заради катастрофалната и понижувачка економска состојба во државата. Оваа власт, во 2006 година дојде на картата „економски бум“. Тој економски бум, за жал денеска го чувствуваат сите граѓани, и од власта и од опозицијата. Не го чувствуваат голем дел од „фамилијата“ заради кои сите ние едвај крај со крај врзуваме. Положбата на Република Македонија на листата на држави подредени според коефициентот на мизерија е вистинската слика која ние секој ден ја живееме.

Протестирам и против игнорантскиот однос на власта кон Охрид. Капиталните проекти и инвестиции кои ги ветуваа уште во 2006 година, ќе стигнат кај и да е. Но, најверојатно со друга власт. Сите очекуваа откако ДПМНЕ ја презеде локалната власт, дека во Охрид ќе имаме инвазија од проекти и инвестиции. Билбордите на кои покрај Бакрачески, стоеше и Груевски значеа поддршка од централната власт за Охрид која денес се уште ја чекаме.

Денес протестирам за промени како граѓанин. Во оваа држава сакам да создадам семејство и на децата да им овозможам среќна иднина. Протестирам за сите неправди кои им ми се нанесени мене, на пријателите, на сограѓаните, на целиот народ. Слободата е она нешто кое нема цена. Протестирам за нашите полицајци да не ги нарекуваат човечиња, нашите сограѓани – шиптари и цигани. Протестирам да нема повеќе убиства на млади луѓе од параполицијата на власта и да не се прикриваат таквите монструозни злодела, како и против тоа некој да го најдат во ендек. Протестирам против лицемерието кое го имаат властодршците и спиновите со кои со години го лажат народот. Ова е нашата шанса да се избориме за подобра иднина на Македонија. Никој тоа нема да го стори за нас. Ние сами треба да ја донесеме слободата.

Јас денес во 14:00 часот ќе сум пред Владата на Република Македонија! И утре повторно ќе бидам ако и наредната власт забега по патиштата на сегашнава.

Филип Јовановски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.