Димитриевски: Охридска гомнушка, нов заштитен бренд на Охридското Езеро

После многу години на негрижа и неодговорност, успеавме да ја уништиме охридската пастрмка, овие наредни години ќе ја уништиме охридската белвица и охридскиот крап и неминовно е да го смениме брендот на заштитниот знак на Охридско Езеро од охридска пастрмка во охридска гомнушка.

Предупредувавме со години дека е можно да дојде до ова срамно ребрендирање.

Но секогаш бевме прогласени како квази експерти од страна на експертите кои дозволија и помогнаа да исчезне охридската пастрмка, а сега се упорни и неостапуваат од нивната „експертиза“ да ги уништат охридскиот крап и охридската белвица.

Охридската пастрмка се уништува со децении, со дозвола на научна установа која добиваше 8% финансиска надокнада од вредноста на вкупно уловената риба од тогашниот концесионер, и за тоа дозволуваше прекумерен лов со високите пловечки мрежи, а рибата после вештачкиот мрест не се враќаше во вода. Ова со децении се случуваше под капа на научна установа, најплодните единки завршуваа на пазар (како споредба ако ги убиеме мајките од 20 до 40 години после породување каков наталитет ќе имаме). Ефектот го гледаме сега. Охридската пастрмка ја нема и потребни се децении за нејзино реанимирање. Во тој период се измолзуваше повеќе икра од колку можат да примат капацитетите на мрестилиштата во Охрид и Струга, и голем дел од икрата не се знае кај завршуваше. Некои правни лица со подмладок од охридска пастрмка си ги подмируваа сметки за струја, наместо да се пориби со тој подмладокот Охридското Езеро.

radovanslika

Со поткрепа на научно тврдење дека блинкерот е штетен а високите пловечки мрежи не се штетни зато што биле  поселективни, Министерот за земјоделие во 1994 година го забрани блинкерот и уништи еден ритуал кој траеше 3 дена и беше вистинска атракција за охриѓани, стружани, и риболовци од цела Македонија и пошироко. Во тоа време кога се забрани блинкерот имаше во Охрид над 1.700 рекреативни риболовци и во Струга околу 900 односно 2.600 рекреативни риболовци не тргнаа од водите на Охридско Езеро, за да не му пртечиме на тогашниот концесионер да го уништува рибниот фонд. Сега е дозволен ловот на охридска пастрмка со блинкер на влечење, но има многу мал број , односно срамна бројака на  рекреативните риболовци  кои одат на блинкер. Причината се знае нема охридска пастрмка се лови само по некоја белвица. Рекретивните риболовци беа изиграни и од политичарите во почетокот на 1994 година се донесе забраната за блинкер, а во септември пред вториот круг  на избори беше дозволен лов со блинкер со никакво одобрение или решение (бројката од 2.600 рибари е добар процент на гласачи). Кога појдовме во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да побараме да тоа не биде само за тој ден, туку да се обнови атракција која ќе допринесе за развој на туризмот, а како доказ носевме собрани над 200 издадени дневни дозволи за тие риболовни денови во очи на избори, и бевме убедени дека мора да има некоја одлука или решение, во Министерството не направеа луди и тврдеа дека не бил дозволен блинкерот и немало ловење со блинкер во тој период. Кадија те тужи кадија те суди.

Се мислевме да предложиме ребрендирање од охридска пастрмка во охридска белвица, но за жал ќе треба за некоја година пак да го менуваме брендот.

Благодарение на тоа што на охридската белвица не се врши вештачки мрест, и не се убиваа најплодните матици со години како кај охридската пастрмка и нејзиниот улов во високите пловеќи мрежи беше помалку застапен, белвицата после забраната ја имаше во поголеми количини.

Но со последните измени во риболовната основа за стопански риболов на Охридско Езеро ќе се уништи и таа. Со првата риболовна основа врз основа на која се додели концесијата за стопански риболов, беше дозволено да се улови само 2.000 килограми белвица, што можеби езерото може да го надокнади. Но за жал само по неколку месеци се носи нова риболовна основа со која се предвидуваат 4 пати поголем улов на белвица од 2 на 8 тони. Се намалуваат дозволените големини за улов за белвица од 30 см. на 22 см., се намалуваат окцата на мрежите од 35 см. на 22 см., се скратува забраната замрест  која во првата основа беше од 15-ти октомври до 31-ви март, а со измените сега е од први декември до 20-ти март, а знаеме дека белвицата се мрести еден месец порано (во ноември). Се зголемува бројот на мрежи за белвица од 10 на 20 по рибар, се зголемува бројот на блинкери за стопански риболов од 5 топки со 7 блинкери на 10 топки со 10 блинкери.

Со овие измени му се дозволува на концесионерот да фрла (шест) 6 пати мрежи за белвица во строга забрана (татиљ) што не било ни во турско време. На тие мрежи нема знак стоп за пастрмки. Но незавршува тука годинава се прави нова измена на риболовната основа од страна на научна установа и на концесионерот му се дозволува да лови од 12 на 25 тони белвица, а според кажувања на рибарите се лови многукратно повеќе. Сите овие измени во риболовните основи ќе допринесат белвицата да ја снема како охридската пастрмка. Ако знаеме дека белвицата скоро двапати поспоро расте од пастрмката,тогаш за реанимирање на уништената белвица, треба да чекаме со стотици години.

Каква е состојбата со другите видови риби, како крапот, јагулата, кленот, мрената и плашицата во наредното продожение.

Радован Димитриевски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.