Димитриевски: Охридска гомнушка, нов заштитен бренд на Охридското Езеро – Втор дел

Уништувањето на охридскиот крап започна со уништување на Студенчишкото блато и продолжи со уништување на големи појаси на трска поради урбанизација на крајбрежниот дел.

Најавените изградби на Медитерански плажи со кои ќе се уништи уште неколку хектари трска само ќе го забрза уништувањето на природните мрестилишта на крапот. Сите овие негативни влијанија на човекот ќе допринесат за уништување на крапската популација, и затоа охридскиот крап неможе да стане заштитен бренд на Охридско Езеро. Но не се само овие активности, туку и  риболовните основи кои се изработени од научни установи врз основа на кои се додели концесијата за стопански риболов ќе придонесат за охридскиот крап се најде на охридска црвена листа како пастрмката и белвицата.

Со риболовната основа со која се додели концесијата за стопански риболов, дозволен улов на крап беше 10 тони и 10 мрежи по рибар, но по неколку месеци со измените на риболовната основата се дозволува улов четири пати поголем  и се зголемуваод 10 на 40 тона, а бројот на мрежите се зголемува од 10 на 20 мрежи по рибар. Со најновите измени на риболовните основи во оваа година дозволената количина на крап се зголемува на 50 тони.

Предвидената забрана за лов на крап за време на мрест од 01 април до 30 јуни со последната измена во оваа година тој перид се менува и се фиксира од 20-ти мај до 20-ти јуни. Оваа измена допринесе да се направи масакар над крапската популација, зошто сведоци сме колку крап се излови полн со зрела икра. А забраната за лов започнува после откако ќе се измрести крапот. Не ни е јасно на рибарите по кои научни сознанија, научните установи ја воведоа оваа забрана за мрест на крапот откако ќе заврши природниот мрест, а во кој период риболовот со мрежи беше дозволен.

Риболовот на кленот со првата основа беше забранет за време на мрест во период од први до 31-ви мај. Со најновите измени нема забрана за лов на клен за цела година. Значи може да се лови со мрежи и за време на мрест, а и цела година односно и кога се мрести охридската пастрмка. Што е невиден апсурд. Овие мрежи за клен одговарат и за лов на пастрмка за мрест, и за улов на помали крапови за време на мрест. Мрената во првата риболовна основа беше забранета за стопански риболов, но во последната измена и мрената се дозволи за стопански риболов.

radovanslikaezero2

За плашицата во првата риболовна основа беа предвидени 200 тони за стопански риболов, 50 тони за рекреативен риболов и 250 тони за селективен или мелиоративен риболов кој ќе го врши научна установа со нови техники. Односно 500 тони плашица годишно. Риболовците се вчудоневидени од ова предвидена количина, кога плашицата ја нема во природните зимувалишта како во Пештани, Трпеица, Радожда, Калишта, пристаниште во Охрид и каналот Студенчишта. Тие се потсмеваат и велат 500 тони за 6 години 3.000 тони, толку вода немаме во езерото.

Јагулата е сосема друга приказна. Со јагула Охридското Езеро не е порибено веќе 5 години. А знаеме дека европската јагула не се мрести во езерово,  го напушта Охридското  Езеро и тргнува на свадбен пат до Саргаско море на возраст од 8 до 12 години, а подмладокот неможе да се врати поради многуте брани изградени на реката Црн Дрим  во Македонија и Албанија. Тоа значи дека за околу 5 години ќе немаме јагула во езерото, а улогата на јагулата е незаменлива во целиот еко систем. Охридското Езеро не е порибено со европска жолта јагула 5 години зато што Европската Унија не дозволува извоз на јагула во земји кои не се членки на ЕУ. Но затоа пак експертите иако го знаат ова со најновите измени го зголемија бројот на  јадиците на струковите од 50 на 200 броја по струк за стопански риболов.

Во ниту една земја во затворени води, не се доделува концесија за стопански риболов со мрежи и друг риболов алат на видови на риби за кои нема мрестилиште и не може да се пориби со автохтон вид. А најмалку за време на мрест.

Но да се задржиме малу на рекреативниот риболов, во Европа има над 30 милиони рекреативни риболовци и околу 1 милион спортски риболовци. Во Норвешка околу 40% од возрасните жители се риболовци а од нив околу 50% се жени. Ако успееме помалку од 0,3 проценти да ги донесеме да риболоват на Охридско Езеро дупло ќе го зголемиме престојот на странските туристи во Охрид. Како пример ќе го земам Дојран каде одат претежно домашни риболовци, надвор од туристичка сезона риболовците учествуваат до 95%, а во вкупниот годишен туризам со 43%.

Пред  да се изработи првата риболовна основа од научната установа баравме да се формира рекреативна зона каде ќе нема да се фрлат мрежи и риболовна зона каде што нема да ловат рекреативни риболовци. Како што е на Дојранско езеро и на други езера. Од Експертите добивме категоричен одговор – не може, ќе фрлате мрежи. Незнам како да го сватам ова како увреда за сите рекреативни риболовци, затоа што ние охридските риболовци сме рибокрадци во однос на риболовците од другите езера. Почитувани експерти, рекреативните риболоци не фрлаат мрежи туку ако забележат фрлање на мрежи, веднаш ги известуваат надлежните институции. Во првата риболовна основа не сакаа да предвидат риболов од укотвен чамец на определени места (пуштивме десетици дописи), со првите измени на риболовната основа, дозволија риболов со укотвен чамец на длабочина до 20 метри на неколку места само во сабота и недела од 1 јуни до 1 октомври, а ако има блинкер во неделата (како ден) забранет е риболов со укотвен чамец.

Многу риболовци од странство се заинтересирани за риболов на Охридско Езеро и Сливот на Охридско Езеро. Многу тур оператори не посетија и бараа понуди за рекреативен риболов. Но мора да се сменат под итно некои работи за да имаме развој на овој вид активен туризам.

Прво мора да се дозволи за странските риболовци лов на охридска пастрмка со блинкер на вчечење секој ден со водичи од концесионерот или лиценцирани водичи за риболов. Пример ако сега е дозволен блинкерот само во ден недела од 5 до 15 во месецот. Треба холандските туристи да дојдат да риболоват само еден ден и ако тој ден има бран, ништо од риболовната авантура и туристичка понуда.

Второ мора да се одреди рекреативна зона каде нема концесионерот да фрла мрежи. За странските туристи кои ловат крап. Пример минатата година дојде професионална екипа на Род Хатчисон кои одат и ловат по сите езера. Рот Хатчинсон во риболовот е фирма на ниво како Масарати кај колите. И што се случи, крапскиот риболов претежно трае 5 дена, 2 дена го прихрануваа фрија стотици килограми храна за да го примамат крапот, и на крај од вториот ден од „некого“ се фрлија мрежи на хранетото место. Се спакуваа и заминаа и никогаш нема да се вратат. Лошиот глас многу бргу се раширува помеѓу рибарската фела.

Студенчишкиот канал кој имаше идеални услови за развој на зимски риболовен туризам, се уништи, уништивме зимовалиште старо милиони години, и сега наместо да преземеме нешто за негова реанимација и за реанимација на Студенчишкото блато, ние дозволуваме да се доуништи за да не сметат риболовците а и рибите на новата развојна туристичка зона.

За жал Слатинско езеро е сеуште мртво односно не постои, а можеше да биде ВИП риболовна вода во охридско. Голем број на рекреативни риболовци одат да риболоват надвор од Македонија на многу помали води но побогати со риба.

Ако не се преземе под итно нешто ќе имаме и нова туристичкка понуда од Охрид – Ајде на риболов на Охридска пастрмка на Власинско езеро.

Како може едно природно богаство да се даде на управување и уништување на едно правно лице, а од езерото да се елиминираат околу 2.600 риболовци од Охрид и Струга? Можно ли е во Македонија конечно да се случи некој да преземе одговорност, или да одговара некој за она што му се случува на рибниот фонд од Охридско Езеро со далекусежни негативни последици.

Голема благодарност на редакцијата на OhridPress што ни овозможи преку оваа рубрика да ги искажеме своите мислења, факти и аргументи.

Радован Димитриевски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.