Избор Охрид Празници

Свети Апостоли Вартоломеј и Варнава

Охрид, 24. јуни 2015 (ОХРИДПРЕС) – Светата Православна црква денес го одбележува Светиот апостол Варнава и Светиот апостол Вартоломеј.

Светиот апостол Варнава е еден од Седумдесеттемина. Роден на Кипар од богати родители од племето Левиево и заедно со Савле се учеше кај Гамалиил. Се викаше прво Јосиф, но апостолите го завикаа Варнава, Син на Утехата, зашто вонредно умееше да ги теши човечките души. Кога Савле се обрати, тој прв го внесе меѓу апостолите. Потоа со Павле и со Марко го проповедаше Евангелието во Антиохија и по други места.

Денес празник посветен и на Светиот апостол Вартоломеј, еден од Дванаесеттемина големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил по с ѐ изгледа се две имиња за едно лице. Заедно со Светиот апостол Филип и со сестрата на Филип, девицата Маријам, а некое време и со Св. Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички. Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабожците ја чуваа во храм во Ерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, слеп четириесет години. Овде на нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст Филип и Вартоломеј – Вартоломеј го распнаа со главата надолу.

Прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но братот на царот, Астијаг, завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст. Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата во Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи од неговите мошти стануваа многу чуда, незнабожците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. (Крај)

извор: mpc фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука