Zvonko_Trpeski

Трпески: Наставата во Гимназијата тече онолку колку што може да тече во вакви услови

Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 25 професори од Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ од Охрид денеска беа на работа но не одржаа настава приклучувајќи се кон штрајкот на СОНК.

Ристе Николески од синдикалната организација во училиштето ги отфрла наводите дека штрајкот на професорите е политички мотивиран.

– Во одредени медиуми на власта, на нашиот штрајк му се даде политичка конотација. Јас не сум „комуњар“ ниту „соросоид“ како што умее да нарекува нашата Влада и со тоа да добива политички поени, додаде Николески.

Risto_Nikoleski

Тој појасни дека одлуката за штрајк била донесена во петокот и уредно била архивирана од страна на службите во Гимназијата.

– На состанокот на синдикалната организација од нашето училиште одржан на 3-ти јануари се формира штрајкувачки одбор составен од еден претседател и двајца членови. Таа одлука е уредно доставена дo тогашната директорка Вера Јовческа и е архивирана од страна на секретарот на училиштето Бојан Петроски. Денеска се достави список на имиња на професорите кои штрајкуваат иако тоа, во консултација со други колеги од други училишта кои штрајкуваат, се смета за кршење на основните права за организирање на штрајк, нагласи Николески.

Тој додаде дека штрајкуваат речиси половина од професорите во училиштето и оти досега нeмало никакви притисоци врз штрајкувачите.

– Бројноста на професорите кои штрајкуваат е 25 од вкупно 55 професори колку што има во училиштето. Дваесет од оние кои не штрајкуваат се примени пред една или две години кога се случи промената на власта на локално ниво и тие немаат решенија за вработување. Според мене, тие морално не го поддржуваат овој штрајк, но не дека не сакаат да се укине екстерното оценување или да се зголеми платата, рече Николески.

Директорот на ОСУ „Свети Климент Охридски“ Звонко Трпески потврди дека се прават максимални напори за да тече наставата без проблеми.

– Група од вработени колеги, наставници, на чело со штрајкувачкиот одбор приложија список на наставници кои се приклонуваат и едноставно покажуваат поддршка за СОНК. Наставата во Гимназијата тече онолку колку што може да тече во вакви услови. Даваме се’ од наша страна, овој наставен процес да го изведеме според утврдениот распоред на часови, изјави Трпески.

STrajk_Gimnazija

На прашање на Супер радио дали се уште е на ставот кој денеска претпладне го испрати во писмена форма до медиумите дека штрајкот е политички мотивиран и зад него стои СДСМ, Трпески со одговор дека на ваква реакција бил наведен од страна на еден локален медиум.

– Од написот објавен во еден локален медиум испаѓа дека штрајкот фактички има политичка позадина. Колку е веродостоен, не навлегувам и немам коментар околу тоа. Како резултат на содржината што ја прочитавме на порталот, бевме принудени од наша страна да дадеме известување односно демант. Ние не сакаме поделби во нашиот колектив, а најмалку на партиска основа. Ние треба да бидеме пред се’ професионални и во интерес на учениците такви треба да останеме до крај, додаде директорот Трпески.

Дваесет и петте вработени во Гимназијата го започнаа штрајкот утрово. Велат, ќе ги следат одлуките на раководството на СОНК во Скопје, според кои, доколку власта нема слух за нивните барања, в среда, на 4-ти февруари, ќе штрајкуваат низ градот, а доколку и до крајот на работната седмица не добијат никаков одговор од страна на Владата и ресорните министерства, како што најавија, ќе се приклучат кон генералниот штрајк на СОНК што треба да се одржи в петок во Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес