Охридските земјоделци можат да конкурираат за трет оглас за користење средства од ИПАРД 1 програмата
Охрид, 22. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Педесет проценти од каматата за сите кредити за инвестиции на земјоделците финансирани со ИПАРД програмата ќе ги покрива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој, одлучи Владата на последната седница.
Според министерот за земјоделство Михаил Цветков, со ИПАРД прогрмата со 75 проценти ќе се кофинансираат проектите на земјоделците од општините Могила, Новаци и Босилево зафатени со поплавени од почетокот на годинава.
Каматните стапки во комерцијалните банки се високи и се движат од 4 до 8 проценти, а профитот во земјоделството не е значително голем. Со субвенционирањето земјоделците ќе треба да плаќаат од 2 до 4 проценти камата што сметаме дека е солидна и ќе може да ја враќаат, рече министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Следната недела, најави, ќе биде распишан трет оглас за користење средства од ИПАРД 1 програмата од која преостануваат уште 29 милиони евра. До крајот на годинава на располагање се 18 милиони евра за кои на огласите во октомври лани и во мај годинава се пријавија 1.200 земјоделци со апликации во вредност од седум-осум милиони евра. Останатите 11 милиони евра од ИПАРД 1 ќе може да се искористат до крајот на 2017 година.
Третиот оглас се однесува за мерките 101 и 103 со кои може да се аплицира за финансирање проекти за подигање сточарски фарми, овошни и лозови насади, набавка на механизација, системи капка по капка, откупно дистрибутуивни центри, млекари, винарии.
Од ИПАРД фондовите формиран е гарантен фонд со кој ќе им се помогне на земјоделците да можат да користат банкарски средства при што 50 проценти од хипотеката ќе им ја покрива државата, но само за проекти до 500.000 евра. Гарантниот фонд се очекува да профункционира од октомври годинава. Договорите за ИПАРД 1 ќе бидат потпишани до август 2016 година со што практично ќе заврши ИПАРД 1, услов за почнување на ИПАРД 2 програмата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |