Итната медицинска помош во Охрид со зголемен број повици
Охрид, 25. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Зголемениот број повици во Службата за итна медицинска помош во Охрид се должи на зголемениот број луѓе во градот во овој период, но и на наглото зголемување на температурата на воздухот.
Како што информира раководителот на Итната медицинска помош д-р Горан Симјановски, во овој период на жештини до медицинските екипи на службата најчесто се обраќаат пациенти со општи и неодредени симптоми.
– Летово имаме зголемен број пациенти кои најчесто се жалат на болки во главата, варирање на крвниот притисок, губење сила. Сето тоа е резултат на наглите промени во температурата на воздухот, вели д-р Симјановски.
Тој апелира до граѓаните доколку имаат хронични болести да се конзултираат со своите матични лекари за да не се злоупотребува службата за итна медицинска помош.
– Сепак предност треба да им се даде на животозагрозувачките состојби. Пациентите кои имаат зголемен крвен притисок или други хронични болести задолжително треба да се консултираат со своите матични лекари каква терапија треба да земаат. Ние за време на викендите и празниците имаме засилени медицински екипи кои дежураат заради подобра покриеност, појаснува д-р Симјановски.
Како една од превентивните мерки што ја спроведува Здравствениот дом во Охрид и Службата за итна медицинска помош е и акцијата што од минатата седмица се одвива на плоштадот „Чинар“. Секој ден од 18:30 до 21:30 часот, здравствените работници им мерат крвен притисок на заинтересираните минувачи и им даваат корисни совети како да се заштитат од топлотниот бран. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |