Хируршкото одделение при Охридската болница со зголемен обем на работа
Охрид, 30. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Хируршкото одделение при Општата болница во Охрид во последните три седмици се соочува со зголемен обем на работа.
Лекарите велат дека имаат и по 30 до 40 интервенции за време на едно дежурство, што навистина не е лесно, но се води сметка сите пациенти да бидат соодветно истретирани.
– Охрид е туристички град и не само што лекуваме лица од регионот, туку ни доаѓаат и од цела Македонија и од регионот. Најчести ни се сообраќајните незгоди. Во понеделникот само во мојата смена имаше шест сообраќајни незгоди, за среќа со полесни повреди меѓутоа сите мораа да бидат згрижени и кај сите да се интервенира. Во текот на изминатиот ден имавме девет повредени во тепачка така што можам да кажам дека навистина се соочуваме со преголема фрефенција на пациенти. Во текот на 18-часовно дежурство имаме и по 30 или 40 случаи,а во 24 часа и многу повеќе. Тешко е да се издржи тој напор, но мора да излеземе во пресрет на пациентите, вели раководителот на хируршкото одделение во Општата болница во Охрид Гоце Каневче.
Според него, на хируршкото одееление има доволно персонал, но обемот на работа е речиси двојно зголемен во овој период од годината кога градот врие од гости.
– Имаме различни случаи. Најчесто се тоа посекотини, удари, рани во предел на глава, ектремитети и по целото тело. Има и алкохолизирани лица, но и пациенти кои се повредени но случајно се нашле во близина на некој инцидент, појаснува Каневче.
Директорот на Општата болница во Охрид д-р Љубен Арнаудов вели дека зголемениот обем на работа на болничките одделенија во текот на изминатите летни сезони бил причина уште пред почетокот на сезоната да се разгледаат сите можности за поефикасно делување на медицинските тимови и да се направи план за работа во вакви услови.
– Пролетта направивме акционен план како да се справиме со овие проблеми во лето. Време е на користење годишни одмори, но сметам дека планот успешно се спроведува и засега интервенираме благовремено и сме на ниво на проблемите кои се јавуваат, вели директорот Арнаудов.
Заради природата на работата и должност ада им се излезе во пресрет на пацинетите, охридската болница, според него, делува како ургентен центар.
– Имаме нов систем на менаџирање со повредени пациенти. Тоа се однесува повеќе на пациентите од сообраќајните несреќи. Сите пациенти во сообраќајните незгоди, Здравствениот дом односно Брзата помош е должна да ги носи на хируршкото одделение. Тука првично ќе се згрижат и ќе се дијагностицираат потешките повреди за што го имаме и томографот. Со дијагностицирани повреди правиме тријажа каде ќе го носиме пациентот, кај нас во болницата или ако има ортопедски повреди, во болницата „Свети Еразмо“, објаснува д-р Арнаудов. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |