whenthemusicisgood

David Gilmour има нова песна, Шабан откажа

За Охридцките работи
Бр. сл. 019/08/2015
Охрид, 1. август 2015 година

Деновиве една од информациите кои ми направија поголем мерак од откажувањето на концертите на ова Шабаниве беше секако дека David Gilmour има нова песна.

Верувам дека на многумина од помладиве денес не им значи многу имево, ама за голем дел тој е еден од столбовите на музичката култура, нешто како буквар, можеби предлабока и претешка литература своевремено за нечии млади години, ама нели „железото се кове додека е жешко“.

Pink Floyd, The Doors, Eric Clapton, Jimi Hendrix, Dire Straits, Deep Purple и останатата „тешка артилерија“ некогаш беа секој ден на музичкото мени кај најмладите, во исто време додека паралелно со едните, имаше луѓе кои ги конзумираа и (некогаш) локалните Бијело Дугме, Чорба, подоцна ЕКВ, Партибрејкерс… Но ништо повеќе од тоа. Најдлабоко се одеше само за и околу Нова година, кога ќе поминеше и нешто од Тома Здравковиќ, Тозовац и уште неколку докажани фраери и тоа беше тоа. По милион пати гo слушавме „Made in Japan“ во живо на Deep Purple, каде на „Child in time“ се самоубива една обожавателка и ни беше сосема јасно зошто своевремено во Лондон пишувале графити „Clapton is God“… Па кучето кое „пее“ заедно со Jose Feliciano, па албумите на Pink Floyd, од кои ги гледавме и концертите на кои тие влечкаа шлепери и шлепери со опрема за да ја слушнеме „квадрофонијата“…

Абе индијанци прави…

Првата (или една од првите) плочи кои ги купив некаде 1987 година беше „Brothers in arms“ од 1985-та на Dire Straits. Тоа ви е онаа историската плоча со „Money for nothing“, „Walk of life“, „Your latest trick“, „Why Worry“, „Brothers in arms“ и уште четири песни кои беа вистински life changer за една цела генерација тогаш. Барем за мене беа, и уште се.

Гитарскиот риф на „Money for nothing“ и бојата на тонот на гитарата на Mark Knopfler беа толку препознатливи и убиствени, но и сосема доволни за со стихот „I want my MTV“ да биде првата песна која беше емитувана токму на денешен ден, 1. август 1987 година на MTV Europe, оној видео канал кој беше вистинска музичка енциклопедија за цели генерации. Ray Cokes и останатите водители се снимаа на милион пати пребришаните VHS касети и се слушаа нивните најави и песните, повторно и повторно… Тогаш MTV имаше помалку видео спотови отколку што MTV денес има канали, но имаше што да се слуша и што да се научи…

А денес…

Во време додека го пишувам ова, на телевизија со национална концесија оди „целовечерен концерт со Лепа Брена“ кој ќе траел ни повеќе ни помалку „само“ три часа. Не сакам да се повторувам, ама ево уште еднаш: „На некои луѓе во Македонија не би им дал ни телефон со камера од над 2 мегапиксели, камоли телевизија да уредуваат“.

Шабан откажа, Аца откажа, ама и Rudimental откажаа, наводно нешто со агендата на BBC Radio One од Ибица. Приказни за мали деца, ама ајде за тоа друг пат.

Не знам само колку време треба да помине додека одговорниве овде станат навистина одговорни и разберат дека огромен бизнис им препуштаме на луѓе од надвор. Доаѓаат, ги собираат парите, без да имаме никаква контрола што ни носат, какво е влијанието на тоа што го носат особено врз младите, врз луѓето кои (замислете) сакаат и да спијат во Охрид навечер и во текот на летото, а не и во најоддалечените населби да се слуша музиката како да се на местото на настанот. Вака ќе им ги издадеме најтрактивните локации и термини, ќе земеме само наемнина и толку. Додека се занимаваме со „рехабилитација“ на улици, со нивно бехатонирање на сред лето, со меѓународни тендери за фонтани, големава приказна ни бега пред очи, летото помина во сообраќаен хаос, со неколку колку да се рече манифестации, со милиони мини Балкански фестивали и играорци по цел град кои никој не знае кој ги донесол, дури ни како им се вика „фестивалот“…

Не, ама навистина, David Gilmour има нова песна „Rattle That Lock“, треба да ја издаде официјално на 18-ти септември. Ама кој ќе чека дотогаш.

Сркајте веднаш…

Сашо Митан