Војнеска: Македонија и Охрид се пресликуваат во сите мои дела
Охрид, 21. август 2015 (ОХРИДПРЕС) – Ленче Војнеска е дипломиран инженер-технолог, но веќе со години изработува некласични мозаици од природни материјали.
Вели отпадоците од храна можат рационално да се искористат наместо да се фрлаат. Охрид, Република Македонија, христијанството, традициите, се нејзината вечна инспирација. Во интервју за Супер радио и OhridPress, вели дека преку мозаиците од отпадоците може да се создаде голема уметност.
Супер радио: Деновиве ја имавте втората самостојна изложба на фестивалот „Охридско лето“. Изложивте дела кои ги нарековте некласични мозаици. Зошто токму некласични?
Војнеска: Пред се` сакам да изразам благодарност до вас што ми направивте чест, ме поканивте да бидам ваш гостин. Благодарност на сите оние кои успеаа да одвојат дел од нивното драгоцено време, дојдоа на мојата изложба и со нивното присуство ми направија чест и задоволство на таа за мене значајна вечер. Фестивалот „Охридско лето“ ја организираше мојата втора самостојна изложба на која беа изложени мои 26 дела насловени како некласични мозаици. Мозаикот отсекогаш била позната сликарска техника. Се врши со редење шарени, повеќе или помалку редовно коцки од камен, обоено стакло и глазирани керамички делови. Мозаикот е стара сликарска техника која мошне ме привлекува. За разлика од овие и другите видови мозаици кои претежно се работени со иста или слична техника, за изработка на моите дела користам материи кои се грубо кажано отпадоци од храната, користам дрва, плодови, јаткасти и зрнасти производи… Мојата техника, начинот и стилот на работа како и материјалите што ги употребувам се многу различни.
Супер радио: При изработката користите природни материјали. Кои материјали ги употребувате?
Војнеска: При изработка на овие дела користам техника на органска хемија без присуство на хемиски средства и какви било додатоци. Користам природни материјали и бои добиени од самите природни материјали. Како што веќе спомнав при изработка на моите дела користам отпадоци од храната, користам дрва, плодови, јаткасти и зрнести производи, семиња, лушпи… Боите кои ги користам се` исто така добиени од самиот материјал без присуство на какви било хемиски додатоци. Еве на пример, од лимонот може да се добие прекрасна сина боја. Всушност во моето творештво секоја слика е нов предизвик.
Супер радио: Зошто се одлучивте за материјали дадени како дар од природата. Каква порака испраќате со тоа?
Војнеска: По мое силно убедување природата е еден огромен ресурс без која човештвото не би можело да се замисли. Доколку правилно би ја користеле и негувале многу работи би биле решени на многу подобар начин. Преку изработката на моите слики сакам да покажам како некој дел кој сите го сметаме за отпадок може да прерасне во уметност, во дела кои би биле безвременски.
Супер радио: Од каде ја црпите инспирацијата?
Војнеска: Македонија е еден неисцрпен извор на инспирација. До колку малку повеќе би се позанимавале со неа, со нејзината историја и традиција би имале да твориме сите уметници, не само сликари туку и уметници кои се занимаваат со пишаниот збор. Инаку, во сите мои дела се пресликува токму таа, Македонија, како историски, така и традиционално и верски. Македонија е земја од кралеви и круни, па до ропства и непокори, булка на христијанството. Македонија е најголемата неизмерна инспирација.
Супер радио: Колку време е потребно за да се изработи еден некласичен мозаик?
Војнеска: Во зависност од самата инспирација и темата на сликите, времето на изработка на едно вакво дело е неограничено. Може да биде потребна една седмица но изработката може да трае и до шест месеци. Секогаш зависи од тоа во кој период од годината е започната. Во принцип, едно дело никогаш немало свој почеток и крај во еден даден временски интервал. Некогаш е само започната инспирациаја која ќе прерасне во комплетно дело тогаш кога ќе се вклопат сите коцки. Некои дела чекаат и по подолг период за да бидат дозавршени.
Супер радио: Од кога почнавте да изработувате вакви мозаици, од каде се роди идејата за тоа?
Војнеска: Љубовта кон ваквиот вид на уметност кај мене се развива уште од мали нозе. Уште како дете бев инспирирана од нашата традиција, историја и култура од нашево поднебје од Охрид и Македонија. Од самиот наш град, почнувајќи од стариот дел и пошироко. Како средношколец бев на крстопат помеѓу хемијата и уметноста, но сепак тогаш се одлучив за хемијата. Но по звршувањето на високото образование некако повторно се разгори старата љубов кон уметноста. Така, тогаш пробав да ги спојам двете мои најголеми страсти во едно за да немам подоцна потреба повторно да одлучувам само за една.
Супер радио: Вие сте дипломиран технолог, а се уште невработена…
Војнеска: Да, јас сум дипломиран инженер технолог базно, органско и полимерно инжинерство и се уште сум невработена. Како волонтер имам волонтирано во неколку институции но ја немав таа среќа да добијам и работно место. Се надевам дека и тоа наскоро ќе се случи.
Супер радио: Каде најчесто одмарате по еден добро изработен мозаик?
Војнеска: За да се изработи еден добар мозаик потребни се многу труд, трпение и креативност. Но по изработката на едно такво дело, нормално дека е потребен и одмор. Во тие моменти умеам да украдам некоја минута да бидам со добро друштво, со личности доста драги за мене, исполнета со позитивна енергија и елан за понатамошно творење. Исто така посебно ја сакам пролетта и планините така што кога треба „да ги наполнам батериите“, знам да посетам некое планинско место.
Супер радио: Кои се малите нешта што го исполнуваат Вашиот живот со радост?
Војнеска: Малите нешта се базата на радоста, а радоста е таа што го прави животот убав. Таа е онаа која ни помага во тешките моменти кои секако се неизбежен дел од животот. Посебно среќна ме прави играта со внуците, излетите во природа, слушањето добра музика, патувањето, дружењето, гледањето во изгрејсонцето и зајдисонцето, создавањето на некоја слика и уште мнго други навидум мали, но големи нешта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |