nikolapopovski

Заврши летниот камп за децата од соседството и дијаспората кои го изучуваат македонскиот јазик

Охрид, 22. август 2015 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го посети Летниот камп „Ја сакам Македонија” кој секоја година, традиционално, се одржува во Охрид, во организација на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Како што појасни тој, годинава по четврти пат се одржува летниот камп за деца кои го изучуваат македонскиот јазик и култура од соседството и од дијаспората.

– Ова е еден од најзначајните проекти бидејќи Македонија е толку витална колку што е витален македонскиот јазик и не само во Република Македонија, туку особено од страна на оние кои живеат надвор.Затоа и вложуваме толку енергија и е значајно овој проект да го развиваме во иднина. Размислуваме да го прошириме и со зимски камп, но и со вклучување на камп за средношколци кои би го изичувале или усовршувале макеоднскиот јазик, изјави Попоски.

Според него, на овој летен камп кој е традиционален, досега имат поминато неколку стотина деца.

– И оваа година сметаме дека кампот е прилично успешен поради разноликоста на составот, бројот на земји од кои доаѓаат и се надеваме дека ова ќе успееме да го надградиме уште повеќе следната година.

Во рамките на посетата на кампот, министерот Попоски одржа предавање и им додели благодарници на учесниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес