Охрид со две презентации во Торино
Охрид/Торино, 21. октомври 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со две презентации вчера пред Академијата за одржлив развој во УНЕСКО подрачја, што се одржува во Торино, беше претставен Охридскиот регион.
Презентиран беше планот за управување со културното и природното наследство и за управувањето со Прекуграничниот биосферен резерват на УНЕСКО (Охрид-Преспа).
Покрај презентираните активности на Охридскиот регион од почетокот до сегашната ситуација, Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство пред Академијата ја изнесе потребата за зачувување на автентичноста и за конзервација на културните вредности во регионот.
Од аспект на природното богатство преставникот на Билатералниот секретаријат за Охридското Езеро, Дејан Пановски, укажа на уникатноста, пејсажните и ендемичните вредности на Охридскиот регион, нагласувајќи дека економскиот развој не смее да биде на штета на природните и културните вредности, оттаму што на среден и долг рок загубите за регионот би биле многу поголеми отколку добивката.
На Академијата во Торино учествуваат преставници од заштитени подрачја на УНЕСКО од Мексико, Хондурас, Никарагва, Колумбија, Казахстан, Оман, Лесото, Кенија, како и од повеќе држави од Европа. (Крај)
извор: денешен фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |