Missing image

Наредната учебна година се воведува Кембриџ програматата за седмо, осмо и деветто одделение

Охрид/Скопје, 4. ноември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Од наредната учебна година се воведува Кембриџ програматата за седмо, осмо и деветто одделение во основните училишта во републикава.

Директорот на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, Мајкл О’саливан и директорот на Бирото за развој на образованието на Република Македонија, Весна Хорватовиќ, во присуство на министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска потпишаа договор за соработка во областа на адаптацијата на наставните програми по математика и предмети од природните науки за учениците во основно образование од седмо до деветто одделение.

Министерот Адеми истакна дека една од најголемите реформи во образованиот систем во Република Македонија, е имплементација на наставните програми подготвени од Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ. Наставата по „математика“ и „природни науки“ , која започна во 2013 година, успешно се реализира од прво до шесто одделение, и дава исклучително позитивни резултати.

– Значењето на оваа реформа, е што со нејзиното имплементирање се воведува поголема интеракција во наставата, се развива самодовербата и критичкото мислење кај учениците, со што тие сами успеваат да дојдат до заклучоци и решенија на поставените задачи. Наставните програми и учебниците адаптирани на нашите национални особености и публикувани на македонски, албански, турски и српски јазик, се алатка која им помага на наставниците да ги насочуваат децата на логичко размислување. Како и наставниците кои предаваат од прво до шесто одделение, обука за успешна реализација на програмите по „математика“ и „природни науки“, ќе поминат и нивните колеги кои по Кембриџ програмата од наредната учебна година ќе им предаваат на учениците во седмо, осмо и деветто одделение, рече Адеми.

Од министерството за образование додаваат дека со воведувањето на оваа реформа во образованиот систем, ќе им се даде шанса на учениците да учат по истите наставни програми и учебници по предметите „математика“ и „природни науки“ како и нивните врсници од Велика Британија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива