Македонија

ЦИКП: Постои простор за подобрување на принципите на добро управување во институциите

Скопје, 22. декември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во период мај – септември 2015 година спроведе истражување во чии рамки беше мерено колку институциите на централно ниво ги применуваат практиките за добро управување.

Беа опфатени вкупно 19 институции. Резултатите на институциите потоа беа комбинирани со перцепцијата на граѓаните добиени од теренска анкета на репрезентативен примерок од 1101 граѓанин, со што беше креиран Индексот на добро управување во Македонија.

Наодите од истражувањето до кои што дојде ЦИКП откриваат дека постои огромен простор за подобрување на примената на принципите на добро управување во рамки на институциите на централно ниво. Просечно остварените резултати, по видови на институции, изнесува 30%, што е помалку од третина од можните бодови. Поединечно, најдобри резултати има остварено Фондот за здравствено осигурување на Македонија со просечен резултат од 41% и Собранието со 40% од вкупните бодови, додека најслаби резултати имаат остварено Министерството за одбрана со 14%, Министерството за надворешни работи со 16% и Министерството за локална самоуправа со 18%. Владата на Р.М. има остварено резултат од 25%.

По категории на добро управување, најслаби резултати институциите имаат остварено во категоријата Следење на прописи и известување за јавни политики со просек од 6%, по што следува Буџетската транспарентност и отчетност со 8% исполнетост на индикаторите, додека пак, најдобри резултати има во категоријата парламентарен надзор со 60%, по што следува категорија спремност за проценка влијанието на регулативите со просек од 55%. Просекот по категории на добро управување изнесува 31%.

Една од заложбите на ЦИКП преку Индексот на добро управување е да се унапредат демократските процеси во Македонија преку објективни, мерливи и споредливи индикатори, кои што ќе придонесат и во насока на унапредување на евро – интегративните процеси во земјата.

Истражувањето е спрoведено во рамки на два проектa: “Застапување за отворена влада – поставување на политичката агенда од граѓанското општество и следење на имплементацијата на националните акциски планови за ОВП” финансиран од Европската унија и кофинансиран од Британската амбасада; и “Индекс на добро владеење” финансиран од Европскиот фонд за Балканот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука