sjotimkatica

СЈО ги истражува локалните избори во Охрид во 2013, повеќе лица повикани на распит

Охрид, 12. април 2016 (ОХРИДПРЕС) – Специјалното јавно обвинителство ги истражува случувањата околу локалните избори во Охрид во 2013 година, јави Тв Телма.

Деновиве на распит во СЈО биле лица инволвирани во изборниот процес, меѓу кои и поранешни локални функционери, кои ја потврдиле информацијата. Повод биле објавените прислушкувани разговори од страна на опозцијата кои се однесуваат на последните локални избори во Охрид, на кои актуелниот градоначалник Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ го победи ексградоначалникот од редовите на СДСМ Александар Петрески со 8.000 гласови разлика.

СДСМ на 16-ти април минатата година, меѓу другото, објави сет од 11 разговори, кои, како што беше тогаш истакнато, се однесуваат на злоупотреба на полицијата во функција на изборите. Беа прочитани и неколку СМС пораки помеѓу функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои според СДСМ биле поврзани со приведувањето на поранешниот градоначалник Александар Петрески. СДСМ обвини дека за време на локалните избори 2013 година сите државни институции биле злоупотребени за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, а МВР спротивно на законските обврски се ставило на располагање по секоја цена да се освои Охрид, дури биле ангажирани и параполициски структури.

ВМРО-ДПМНЕ ваквите обвинувања ги оквалификува како добро позната пракса на СДСМ со креирани, монтирани и неповрзани прислушкувани и приватни разговори, да внесе конфузија и сомнеж кај локалното население на Охрид во нивната сопствена и јасно изразена волја на локалните избори во 2013 година. Потенцираа дека 8-те илјади гласови разлика помеѓу нивниот и кандидатот на опозцијата претставуваат 8.000 начини на изразување на незадоволство и негодување на охриѓани од општественото, економското, културното, социјалното и урбаното деградирање на Охрид од страна на минатото локално раководство во период од 2005-2013 година.

На трибината „Заедно од проблеми до решенија“ што кон средината на декември 2014 година ја организираше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Охрид, претседателот на оваа партија, Зоран Заев јасно порача дека дел од доказите што ги има СДСМ покажуваат оти изборите во 2013 и 2014 година биле апсолутно криминални.

– Ова што ви се случи во 2013 и 2014 година не е пораз, туку кражба. Кога ќе ги обелодениме доказите ќе видите дека вие сте победници. Но кога ќе слушне Бакрачески како во 2013 година станал градоначалник и како победил, не знам како ќе достои на својата позиција, истакна Заев.

На 13-ти март минатата година, Бакрачески во врска со „Бомбите“ изјави дека „не коментира ставови на политички партии, со оглед на тоа што бил градоначалник на сите граѓани на Охрид“.

– Претпоставувам дека институциите на системот ќе се произнесат и ќе си ја завршат својата работа, изјави тогаш кусо Бакрачески.

Ве потсетуваме на „бомбата“ на СДСМ за изборите во Охрид.
извор: Телма/ОхридПрес фото: архива