Македонија

Економскиот факултет Скопје организираше хуманитарен настан во ООУ „Симче Настовски“ – Вратница

Скопје, 29. април 2016 (ОХРИДПРЕС) – Студентите на Економскиот факултет – Скопје , отсек Маркетинг, организираа хуманитарен настан во ООУ „Симче Настовски“ Вратница, општина Јегуновце, посветен на децата со посебни потреби.

Тимот составен од студентите: Ангела Нешовска, Ива Попадиќ, Бојан Мартиновски, Вероника Стојановска, Бојана Алексова, Јована Петровска ја реализираа оваа Велигденска работилница со која испратија силна порака дека празниците треба да бидат еднакво весели за сите нас.

Без оглед на степенот на развиеноста и општественото уредување, земјите во светот се поангажирано и поорганизирано се мобилизираат за решавањето на проблемите на децата и лицата со посебни образовни потреби и задоволување на нивните специфични потреби. Токму основното училиште „Симче Настовски“, во село Вратница, е едно од училиштата во Македонија во кое се образуваат деца со полесни пречки во развојот.

– Ние како општествено одговорни академски граѓани, решивме да им го разубавиме денот на дечињата од училиштето со организирање на Велигденска работилница. На работилницата учествуваа 8 деца со полесни пречки во развојот, под надзор на дефектологот кој редовно работи со нив – Снежанка Марковска. Работилницата започна со кратка презентација за празникот Велигден, а потоа следеа разни активности, односно се бојадисуваа Велигденски јајца, се боеа боенки со Велигденски теми и слично. На крајот од работилницата на секое дете му беше доделено пакетче со храна, пијалоци и ликовен материјал донирани од спонзорите, велат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука