debatagalicica1

Дебата за Галичица: Плановите за еко средините, не се само македонски, туку и глобален проблем

Охрид, 21. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Охрид се одржа јавна дебата на тема „Како ќе се развива Галичица?“, на која присуствуваа сите поканети претставници, освен од најзасегнатата страна – НУ Национален парк „Галичица“.

Меѓу предавачите беше и проф. д-р Трајче Талевски, како претставник на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, кој потсети дека во 2012 година беше донесен закон за туристички развојни зони, со цел добивање на профит. Подоцна на една од седниците на Советот на Општина Охрид беше донесена одлука за изработка на Студија за еколошка издржливост на блатото.

– Германската техничка помош ја разгледа оваа студија за да додели за нејзината реализација некаде околу 100 илјади евра, за да се почне со ревитализација на Студенчишкото блато. По доаѓањето на новата градска управа, во 2013 година е повлечена студијата и се носи одлука за урбанизација на блатото. Иако на тимот на ГИС во Македонија им беше ветувано дека ќе се промени планот, германците одлучија да ја повлечат помошта. Урбанизација на Студенчишкото блато предвидува изградба на нула објекти, а тоа значи, дека нула објекти, се објекти, кои на плацеви од 500 до 1 000 квадрати, се индивидуални куќи, со дворна површина од 500 до 1 000 метри квадратни. Блатото секогаш комуницира со Охридското Езеро, затоа не делува како самостојно, туку како значен дел од еко – средината во Охрид, објасна проф. Талевски.

Митко Локоски, жител на Пештани, смета дека конкретно проектот за изградбата на експресниот пат, ќе значи олеснување на веќе постоечкиот пат на потегот од Охрид – Свети Наум. Тој објасна и од здравствен аспект дека Пештанци, за жал во последните децении имаат сериозни здравствени проблеми токму поради близината на прометниот пат. Како жител на населеното место, смета дека со дислоцирањето на патната линија, ќе се подобри квалитетот на животот на неговите соселани.

– Луѓето во Пештани навистина имаат проблем, јас ова го кажувам како Пештанец. Лесно им е на организации од Скопје да кажуваат и да организираат дебати за Охрид и во Скопје и тука. Но, овие проблеми не можат така да се решат. Во шпицот на сезоната, кај нас е хаос. Протокот на возила е нула во период од неколку часа. Значи стојат во место, во место им работат моторите. Јас не сум експерт, но знам од што луѓето умираат во последниве години. Многу има карцином, многу има инфаркти. Ако мене ме прашувате, на Галичица можеби не треба да се градат тие хотели, но тој експресен пат, мора да се гради, едноставно мора. Сега голем број населени места и луѓето кои тука живеат се загрозени. Ви кажувам дека кога патот минуваше покрај мојата куќа, имаше еден куп жици, материјал. Езерото во Пештани не е во иста состојба во која беше. Што се однесува до плажите, некои луѓе ги узурпираат плажите, но никој не зборува за тоа. А ние, населените места покрај постоечкиот пат, имаме навистина проблем, рече Локоски.

lokoski

Борис Стојаноски, претседател на Еколошкото друштво „Грашница”, пред присутните на дебатата објасна дека за еколошките проблеми, кои во Охрид се строго поврзани поради специфичноста на регионот, 25 години наназад укажувало друштвото „Грашница“.

– За овој проблем со плановите за Галичица, досега се одржани можеби пет јавни дебати во последниот период во Охрид. На дебатите и стручни лица и нестручни, многумина се јавуваа за збор. Од сите дебати кои досега се одржале во Охрид за Галичица, никакво решение не е пронајдено, ништо не е решено. А, ние како Еколошко друштво „Грашница” цели 25 години се бориме и за еколошките катастрофи со реката Грашница, за блатото, колку ревносно сме се бореле за езерото и за ред други проблеми, но тие наши заложби не наидуваа никогаш на поддршка, истакна Стојаноски.

Има еден главен судир во концептите за развој. До пред некои 50-на години се сметаше дека економскиот развој е приоритет над сите други во една држава и тој подразбира дека сите дејствија се дозволени, објасна во своето излагање, Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.

debatagalicica2

– Екологистите ги поматија тие планови во последниот половина век, дека на развојот на треба да се гледа само „за да врти парата“. Се започна да се говори за еден одржлив развој, еден нов концепт, каде што не се дозволува било каков економски развој. Ако некој план е уништување на животната средина, тоа не треба да се дозволи. Така и за Националниот парк Галичица, плановите се со некоја почетна идеја, но според она што беше презентирано, каков хотелски комплекс да се гради, може да се види, дека тоа е концепт за масовен туризам. Ние како екологисти сме против таков концепт, ќе се изгуби она што е Охрид. За да дојде некој на Охридското Езеро и Галичица, не треба да се затвори во некаква бетонска кутија, рече Поповска.

Организатори на дебатата беа ДОМ и Зелениот институт, со поддршка од холандската фондација Bureau de Helling. Говорниците се осврнаа на плановите за развој на Галичица и влијанијата врз животната средина и луѓето од овие планови. Во вториот дел од дебатата, акцентот беше ставен на можните решенија и одржливи начини на развој на регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес