manuelacapraro

Мануела Капраро: Уметноста треба да ги надвладее различните моменти во животот

Охрид, 18. јули 2016 (ОХРИДПРЕС) – Во просторот на Културно информативниот центар „Култура 365“ во Охрид посетителите имаа можност да се запознаат со делата и творештвото на италијанската уметничка Мануела Капраро – Аналеута.

Комбинацијата на строго одбран колорит со геометриските форми и човечкиот фактор поставен во одредена природна удобна положба, кај публиката може да предизвика различни емоции. Одредени слики можат да асоцираат на потребата од емотивна топлина на човекот, која ја заменува со топлите бои, но други слики асоцираат на поделеноста во себе, која индивидуата ја надоместува со колоритната и геометриска асоцијација на топлите источни и јужни земји.

manuaelaslika1

За уметноста Мануела смета дека има моќ да им помогне на луѓето, не само да гледаат на нештата позитивно, туку и да ги подреди работите во животот на правилен начин, посебно за оној уметник кој целосно ќе се посвети.

– Кога сум среќна, или супер среќна, никогаш не сум во креативна фаза. Се наоѓам во таква ситуација да ги гледам делата кои сум ги креирала предходно и да се поттикнувам дека морам да сторам нешто. Но, тоа не оди така. Имав стресни моменти во мојот живот, дури и кога помислував да се повлечам од уметноста. Можеби ми беше потребен еден кус период да ги примам нештата кои ми се случија. Потоа напливот на креативност беше неверојатен. Освен слики, направив еден арт проект, каде ангажирав танчери, поставив сценографија, ги искомпонирав сите елементи. Тој перформанс беше изведен во јануари годинава, а инаку предходно работев на него долго време. Кога би ме прашале дали повторно би работела арт перформанс, сигурно одговорот е да, изјави во разговор за Супер радио, Капраро.

manuelaslika2

Поради комплексноста на перформансот и габаритноста на подвижните материјали, италијанската уметничка за охридската публика го донесе преку снимен видео материјал, кој се прикажуваше за време на синоќешната изложба. Интересно е што е искористена познатата ромска нумера „Sao Roma“, за која Мануела знае дека потекнува од просторот на Балканот.

Што се однесува до техниките на творење, најчесто користи акрил, кој го комбинира со различни медиуми.

Мануела Капраро е уметница од Италија која живее и работи во Лондон. Дипломирала ликовни уметности на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Има десетгодишно искуство како сликарка, исто како и многубројни изложби во Берлин, Амстердам, Мајами, Рим, но и самостојни изложби во Лондон. Применува модерна уметност, а работи во комбинирана техника. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Капраро