Избор Охрид

Отстранета рекламата, заминува ли дефинитивно Радио Охрид во историјата?

Охрид, 24. јули 2016 (ОХРИДПРЕС) – Откако веќе неколку денови не емитува програма, отстранета е и рекламата која се наоѓаше на зградата на Радио Охрид, во строгиот центар на градот.

Веста за згаснувањето на најстариот медиум во Охрид силно одекна во охридската јавност. Со реакции излегоа поранешни вработени и одговорни лица, се спомнуваа и „акции за спасување“ на радиото, но по се` изгледа овде е крајот на Радио Охрид, редакцијата која своевремено беше една од најорганизираните во државата.

И покрај измените во сопственоста, Радио Охрид остануваше „да се бори“ со комерцијалните медиуми за секој слушател. На последната анкета на АВМУ за досегот на медиумите во вториот квартал од 2016-та година се наоѓаше на второто место во охридскиот регион со 2,99 % удел во слушаноста, зад Супер радио, но пред останатите комерцијални медиуми, вклучувајќи и дел од локалните и регионалните телевизии.

Охридската јавност со право прашува што ќе се случи со архивата на радиото, која е дел од културното наследство на овој град и секако дека мора да се зачува за идните генерации. Супер радио предлага таа итно да се достави до охридскиот Архив (или некоја друга соодветна организација), од каде се надеваме дека ќе се направат напори истата да остане наследство за некои други времиња, кога некои нови, поразумни и „поопулени“ охриѓани, подобри од нас сега, ќе знаат да го вреднуваат ова исклучително наследство и сведоштво за живеењето на градот во годините кои се зад нас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука