Избор Партии

СДСМ од Охрид најави повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните

Охрид, 22. септември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Тешко се врзува крај со крај во месецот. За да се подобри животниот стандард на мнозинството на граѓани кои секојдневно работат и живеат од своите плати, а немаат приходи од капитал, потребно е да растат платите во Македонија, порача денес од Охрид Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ.

Тој напомена дека разговарал со сопственици на мали бизниси и ги слушнал мислењата на граѓаните.

– Освен минималната плата што ќе биде зголемена, ќе стимулираме отворање на добро платени работни места кои ќе обезбедат ликвидност во домашните фирми, а притоа нема да го рушат фондот за ПИОМ. Така, на  малите и средни претпријатијата, кои ќе вработат невработени лица до 50 години возраст и ќе им дадат плата еднаква или поголема од просечната, ќе им се додели поддршка во висина од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата, во период од 12 месеци. Вкупната сума за поддршка за 12 месеци, претпријатието ќе ја добие на почетокот на првиот месец и таа ќе изнесува 108.000 денари. За вработување на невработено лице над 50 години возраст, ако бруто платата е повисока од просечната, на претпријатието ќе му се доделат 162.000 денари на почетокот на првиот месец. Оваа мерка ќе важи и за вработување на лице од државната и јавната администрација, ако бруто платата е повисока од просечната, и во овој случај вкупната сума на поддршката што претпријатието ќе ја добие почетокот на првиот месец ќе изнесува 72.000 денари, вели Тевдовски.

Додава дека доаѓа време на нова енергија во економската политика во Македонија.

– После 11-ти декември ќе се избориме за пристојни плати и подобар животен стандард за граѓаните во Македонија, напомена денес од Охрид Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива видео: СДСМ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука