ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Охридското Езеро порибено со подмладок од јагула

Охрид, 4. декември 2016 (ОХРИДПРЕС) – По пауза од пет години, трет пат годинава Охридското Езеро беше порибено со подмладок јагула. Околу 30.000 млади здрави јагули деновиве беа пуштени во езерото на повеќе локации: Радожда, Калишта, Струга, Сатеска, „Андон Дуков“ и Охрид.

Со тоа продолжува традицијата долга повеќе од 50 години за порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула, откако беше попречен патот за природен мрест до Саргасовото море, заради изградбата на електраните.

– Со тоа АД ЕЛЕМ, како и секогаш во минатото, од далечната 1965 година се грижи за животната средина. Некогаш имал и строга обврска да го врши порибувањето, денес и не е така строга бидејки патот на јагулата денес е попречен и од неколку електрани во Република Албанија, но ние како компанија се декларираме дека секогаш ке вложуваме во унапредување на животната средина, вели директорот на ХЕЦ „Црн Дрим“ Тони Маркоски.

Прекинот во порибувањето, кое АД ЕЛЕМ го правеше на секои две години се случи поради ЕУ регулативи за влез и излез на јагулата што се одрази врз фондот на овој вид риба, но за да се надмине недостатокот годинава трипати се пушти подмладок во водите на Охридското Езеро.

– Важно е што рибата е здрава. Набавена е од Република Грција, проверена е автентичноста и автохтоноста на типот, нема паразити и го помина периодот на карантин. Рибата е здрава со надзор на ветеринарна управа, истакна Маркоски.

Охридското Езеро годинава беше  порибено со околу 2.800 килограми или околу 90.000 парчиња млада јагула. Следното порибување се предвидува за две години. (Крај)

извор: Курир.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука