Избор На кафе со... Охрид

Вангел Наумовски: Јас со мојата музика ви давам платно и бои, а вие сликајте

Охрид, 2. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Тој беше токму онаков каков што би требало да го измислиме доколку не постоеше. Тој беше Вангел Скребатски, тој беше Нав Муан, тој беше едноставно Вангел Наумовски.

Стотина дела од сите творечки фази на познатиот охридски уметник Вангел Наумовски кон крајот на минатиот месец беа изложени во Даутпашин амам во рамките на ретроспективната изложба на овој познат сликар. Македонската јавност тогаш се потсети на својот генијален уметник, кого најмногу го препознаваат како сликар. Супер радио и OhridPress Ви презентираат и една друга страна на генијалниот уметник, која не е толку позната за пошироката јавност.

vangelnaumovskiВо есента на својот живот, тој за Супер Радио зборуваше за времето минато, времето сегашно и секако, за времето идно. Ни црташе со зборови, го гледавме како зборува по платното. Ја слушавме неговата музика која многу музички критичари велат дека е преисконска, дека е неповторлива во иста форма и место. И токму тој перформанс е она што најмногу го привлекува уметникот. Сублиматот на уметностите во овој неверојатен човек е толку дефиниран, со чувство за убаво и хармонично.

vangelskila2Многу е интересна приказната за првата средба на Вангел со клавирот. „Ме повика“, ќе рече уметникот. „Ми рече дојди седни и свири. „Јас го послушав“.

Авторот на овие редови, учествуваше и лично во средината на 90-тите во реализирањето на еден проект кој на многумина им беше чуден на почетокот. Беше тоа новата уметничка фаза на Вангел Наумоски – музиката.

– Еден ден, заедно со сопатничката дојде во студиото, седна и ми рече – „Саше, сте имале онакво шо снимало ЦД-а“. Имам чико Вангел реков и почна една неверојатна дружба која траеше долго, можеби и повеќе од шест месеци. Имаше купено мал DAT снимач, во тоа време еден од најмодерните начини за снимање на звук и мислам дека свиреше на клавирот во Музичкото училиште „Методи Патче“. Вангел таму свиреше и го снимаше материјалот, а наша работа беше сето тоа да го запакуваме во еден нов – дигитален формат кој ќе го задржи делото во непроменета форма на што посебно инсистираше уметникот, за наредните генерации. Беа снимени часови и часови материјал. Во зима во Охрид и немаше во тоа време што посебно и да се прави, па со Влатко Пантовски часови и часови се дружевме со чико Вангел кој ги свиреше своите слики, а ние тоа го снимавме. На крајот тоа доби и конечна форма од многу часови музика која повеќе никој, па ни самиот автор не верувам дека може да ја отсвири повторно во иста форма, вели Сашо Митаноски, тогаш главен и одговорен уредник на Супер радио.

Додава дека тогашната технологија не била толку модерна како денес. „Префрлањето на податоците од DAT снимачот беше во реално време, што значи дека сите седевме и ги слушавме делата од почеток до крај. Тоа беа часови и часови музика, но и разговори со Вангел, шеги, приказни од животот, често и лични исповеди од двете страни. Се` на се`, искуство кое е длабоко врежано во мене и секако искуство кое не смее да остане заборавено.“

vangelslika1– Исклучителен човек, кој доколку бегло го слушате и поимате како уметник и човек, може да Ве наведе на погрешен заклучок. Но, после некое време Ви станува јасно дека кај него се` има смисла и дека „секоја му е на место“. Јас би сакал семејството да ги сподели тие материјали со јавноста, затоа што тоа е секако нивно наследство, но и богатство на целата држава и истата треба да овозможи да бидат објавени. Тој не свири по ноти – не сум сигурен и дека ги знае. „Јас свирам по душа“, ќе кажеше на шега Вангел. Некој музички критичар од Хрватска, кога ги преслушувал нашите снимки, кажал дека таа музика му буди некои праисконски чувства. „Има нешто толку диво, а толку нежно во овие звуци“ – рекол тој. „Не можам да ги наречам музика – ова е повеќе од тоа“, додава Митаноски.

„Јас со мојата музика ви давам платно и бои, а вие сликајте“ – ќе речеше Вангел.

Вангел Наумовски се вбројува меѓу малиот број уметници од Република Македонија кои достигнуваат најголема афирмација и надвор од нашата земја, уште за време на своите најактивни творечки години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука