protestisjo1

ВМРО-ДПМНЕ од Охрид побара распуштање на СЈО

Охрид, 9. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ова е селективно, а не специјално јавно обвинителство, и бараме да ги отвори прислушкуваните разговори како Охрид осум години беше краден од СДСМ, при што 40 милиони евра се украдени, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски.

Тој постави прашање до СЈО зошто членови на ВМРО-ДПМНЕ биле повикувани да сведочат за донации кои ги давале од нивни лични средства. Вели дека како пратеник и во изминатиот состав на парламентот, гласал за формирање на тело СЈО, но потоа бил разочаран од нив, затоа што телото заземало страна.

– За мене од денес е ова селективно јавно обвинителство. Не случајно, обвинителството доаѓа во Охрид со ваква хајка на угледни личности во Охрид. За два до три месеци следат локални избори. Затоа се сите притисоци кои ги прави селективното јавно обвинителство. Да знаевме дека ќе имаат селективна правда и селективна работа, никогаш немаше како пратеник да го притиснам зеленото копче. Тие ниту еден документ не извадија за криминалните работи на СДСМ. СЈО треба да работи транспарентно и по правото. Од денес охриѓани бараат распуштање на селективното јавно обвинителство, дополна Василевски.

protestisjo2

Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Љубен Арнаудов, пак, кажа дека синоќа членови на партијата биле барани од полицијата со заплашувања и притисоци.

– Гревот наш ли е што ја сакаме државата и партијата? Заплашуваат како да сме во 1948 година. На СЈО парламентот му даде задача, нека се насочат на вистински работи, дополна Арнаудов.

Гоце Георгиевски, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор во Охрид, направи дистинкција меѓу средствата со кои располагаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

– Има разлика, јас не сум Зоран Заев, не сум Зоран Верушевски. Тие земаа пари од државата, ние дававме. Јас како граѓанин на Охрид донирав и за Стајковци и за партијата и за изнемоштени лица. Повторно ќе донирам, објасна Георгиевски.

Каролина Буџакоска, посочи дека синоќа пред нејзиниот дом, како член на ВМРО-ДПМНЕ, била повикана од службеници на СВР Охрид да сведочи.

– Ова нема никаква смисла, СЈО да ги малтретира граѓаните. Повикана сум да сведочам за донација која сум ја дала во партијата. Секогаш сум донирала за партијата, за сиромашни, за болни, за лица кои биле затенати од поплави, земјотреси. Како граѓани и понатаму се донираме. Ова е минимизирање на граѓаните на Република Македонија, додаде Буџакоска.

protestisjo3

Пред објектот на СВР Охрид денес протестираа членови на ВМРО-ДПМНЕ поради повикувањето на околу 200 нивни функционери од Охрид на распит во СЈО, како дел од предистражна постапка за финансирањето на изборите во 2014 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес