timotejstruga

Во храмот „Св. великомаченик Ѓорѓи“ во Струга отслужена Литургија за празникот на Три Светители

Струга, 13. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во Неделата на блудниот син и на празникот на светите Три Светители: свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст, во храмот „Св. великомаченик Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија.

Чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.

– Во историјата на блудниот син секој грешен човек може, а и должен е да се согледа себеси и својата судбина. Да ги согледа своите заблуди, престапи, отстапки, а во исто време, и можност да се врати од сите тие погрешни патишта. Секој човек е должен да ја чувствува благодатта и радосното престојување во домот на својот родител. Но, не само да ја чувствува родителската љубов, туку, истата и да ја ползува. Но, ние, често пати знаеме, како блудниот син, да избереме погрешни патишта и да живееме гревовно и самоволно. Денеска, светата Црква ги прославува и светите три ерарси, Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Овие големи учители на светата Црква го проповедале словото Божјо и ја утврдувале Црквата во нејзината доктрина како вистински пастири на словесното стадо Христово, рече митрополитот Тимотеј. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: dke