promocijastripvitezi

Стрипот „Витези од соседството“ беше промовиран пред охридската публика

Охрид, 24. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид беше промовиран најновиот стрип на авторите Јордан Коцевски од Охрид (сценарист) и Дарко Богданов од Виница (илустратор).

Виничанецот Дарко Богданов, кој е слободен уметник, а стрип илустрацијата му е и професија и егзистенција, вели дека „Витези од соседството“ е албум, кој има интересна приказна. Биле направени неколку страници, било стопирано цртањето, а минатата година авторите целосно го обновиле и реализирале проектот.

– Задоволни сме што во соработка со „Стрип квадрат“ беше одобрен проектот и конечно можевме да го реализираме тоа што беше ставено на чекање веќе неколку години. Беше интересно и доста необично искуство, што јас за прв пат како стрип илустратор бев ставен во временска рамка, бидејќи мораше да се заврши во даден временски рок, некогаш полесно, некогаш пофрустрирачки, но вредеше целата оваа работа. Го имаме стрипот склопено во врвен дизајн, додава Богданов.

Јордан Коцевски, стрип сценарист, објаснувајќи го патот како настанал стрипот „Витези од соседството“, ги изнесе фазите како се развивал. На почетокот идејата била да се реализира нешто од помал обем. Стрипот е разработен според раскази на Хиро Шимада, кого авторите го сместуваат и во делот на карактерите, односно на ликовите на албумот.

– Крајот на расказот не ми се допаѓаше. Имав идеја како може сето тоа да се реализира во нешто што може да се нарече графичка новела, и што може да се склопи во една целина. По разни перипетии, го доработивме стрипот. Македонскиот стрип е веќе во подем, имаме вистински издавач во Македонија и најважното од сè, ние бевме созреани како автори. Приказната мораше да еволуира, направивме некои промени, а главните промени ги направи Дарко. Првичните 12 страници, тој ги замени со сосема нови прецртани. Значи овој албум е нешто што е сосема ново, објасна Коцевски.

promocijastripvitezi1

Никола Темков, претставник на „Стрип квадрат“ на вчерашната промоција потсети дека издавачката куќа моментално е единствениот издавач за стрипови во Македонија, која ги поддржува исклучително македонските уметници. Темков се надева дека и понатаму ќе има поддршка за стрип културата во Македонија.

– Нашата мисија нѝ беше тоа, затоа што има релативно малку стрип уметници од Македонија, меѓу кои сум и јас лично. Иако сме малкумина, има квалитетни автори, илустратори и сценаристи, од неколку генерации. Се обидуваме да ја рашириме таа стрип култура во Македонија. Успеваме да добиеме средства од Министерството за култура, дадоа поддршка за неколку стрипови. Стрипот „Витези од соседството“ на Јордан Коцевски и Дарко Богданов, е нашиот седми издаден стрип, кажа Темков.

Стрипот ќе биде претставен и во Скопје и Виница. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес