Избор Струга Хроника

Во возило во Струга запленети 42 килограми дрога

Струга, 25. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – При координирана акција на криминалистичката полиција од Струга и Охрид, синоќа околу 42 килограми зелена тревкаста материја биле пронајдени во патнички автомобил во Струга.

Акцијата била реализирана околу 22 часот во близина на хотел на улицата „Димче Ковачески“ во Струга.

Полициските инспектори запреле патничко моторно возило со струшки регистарски ознаки управувано од 31-годишниот Ф.И. од струшкото село Калишта.

– При извршен преглед во возилото, забележани се пет вреќи со тревкаста материја завиткана во повеќе јутени и платнени опаковки. Дополнително, во предната лева врата од автомобилот, пронајдена е една мала најлонска паковка со бела прашкаста материја. При извршен претрес во домот на Ф.И. во селото Калишта, пронајдени се две црни најлонски кеси со траги од тревкаста материја, прецизираат од СВР Охрид.

Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука