partijapenzioneri

ПОПГМ ги повика граганите на смиреност и промислено однесување

Скопје, 2. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – По одлуката на претседателот Иванов да не го додели мандатот за составување Влада на Зоран Заев, Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), се огласи со апел до граганите на Република Македонија, повикувајќи ги на промислено однесување и трпеливост.

Од партијата укажуваат дека претседателот Ѓорге Иванов, „безобѕирно го погази Уставот на РМ и дадената заклетва и „избриша“ повеќе од 612.000 граѓани на сопствената држава“.

– Со ова Иванов безобѕирно го погази уставот и своите уставни обврски и продолжи со недржавничкото и поданичко однесување кон менторот, со цел да го заштити од кривичен прогон. ПОПГМ укажува дека образложението на ваквата неуставна одлука, која е обид на „менторот“ за лицемерна манипулација на граѓаните, носи огромен ризик за стабилноста и безбедноста на Република Македонија. Го повикуваме Иванов, ако има барем малку доблест, човечко достоинство и почит кон сопствената држава и народ, веднаш да ја промени одлуката и да ја исполни својата уставна обврска, така што безусловно, согласно со Уставот, ќе го додели мандатот, додаваат од ПОПГМ.

Спопред нив само „граѓаните се гарант за надминување на оваа криза, наметната од поединци и политички врхушки кои Република Македонија ја држат во заложништво повеќе од 10 години“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива