gripvakcina

Неделава најголем број заболени од грип регистрирани во Охрид

Охрид, 6. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Само 227 лица заболеле од грип во текот на осмата недела од 2017 година, од кои најголем број се регистрирани во Охрид, објави Институтот за јавно здравје.

Иако сезоната уште трае, новоразболените се во многу помала бројка отколку во пикот на вирусот, околу Нова година.

– Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година. Оваа недела бројот на регистрирани случаи и податоците од вирусолошкиот надзор укажуваат дека активноста на грип е на многу ниско ниво. И покрај ваквата актуелна состојба, не може да се исклучи евентуално зголемување на бројот на заболени, но со помал интензитет, велат од Институтот.

Најголем број заболени, односно 77 отсто, се на возраст од 15 години до 64 години. Лицата над 65 години учествуваат со 11 отсто, а кај децата до четири години речиси и да нема новозаболени.

Во сезоната на грип 2016/2017 година вкупно се разболеа 34.330 граѓани. Најмногу болни имаше во Скопје, и тоа во јануари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива