vmrosdsmohrid

Почнува ли битката за Охрид – избори не се распишани, општината ќе работи на „резерва“?!

Охрид, 6. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Одговорните ќе мора да бараат резервна варијанта за функционирање на општините, откако ќе им истече мандатот, а нови локални избори, чиј последен рок истекува денеска, не се распишаа.

Нивниот мандат, како и мандатот на советите е 4 години, а по неговото истекување, за разлика од министрите, тие повеќе немаат никаква надлежност, а сите права им се суспендирани. Нема да можат да стават потпис ниту за плата на администрацијата, ни за собирање на смет, а за  нови проекти не може да стане ниту збор. Според Градоначалникот на општина Куманово, кој е и потпретседател на ЗЕЛС, вели дека, во Заедницата не разговарале на оваа тема, а и да разговараат, немаат надлежност нешто да одлучат.

– Ситуацијата ќе мора секој градоначалник да си ја решава на локално ниво. Префрлање на надлежностите на општинските секретари е само една од варијантите. Не сум оптимист дека кризата ќе се реши брзо, а скептичен сум и кон  предлозите на  експертите, вели Дамјановски.

stojanoskibakraceskiВо Охрид, неофицијално, актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Бакрачески ќе се обиде „да ја вади работата“ по најновите случувања на политичката сцена и најверојатно го чека тешка битка за втор мандат со професорот Јован Стојаноски, од Факултетот за туризам во Охрид и актуелен координатор на советничката група на СДСМ, кој ги освои најголемиот број од гласовите на внатрепартиските избори за кандидати за градоначалник и советници во Охрид.

Што вели законската регулатива

Во член 16 од Изборниот законик се пропишува дека изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина на мај.

– Од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена, се пропишува во член 12 од Изборниот законик.

Исто така, во член 12 од Изборниот законик се пропишува дека актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржување на изборите.  Според Уставот на РМ, пак, претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.

Во член 67 од Уставот на РМ, се пропишува дека Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во амандман 16 од Уставот на РМ се вели дека законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2014 година кои се однесуваа на одржувањето на локалните избори, се направи и измена на член 16 според кој се пропишува дека локалните избори се одржуваат во првата половина во мај, наместо во втората половина на месец март, како што дотогаш беше пропишано. (Крај)

извор: ОхридПрес/Телма фото: архива