konferencija1

Во Велес ќе се одржи обука за анализа и следење на политиките за регионален развој

Велес, 8. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Форум-Центар за стратешки истражувања и документација и Младински иницијативи за дијалог и соработка ги повикуваат сите заинтересирани да се пријават за учество во обука за мониторирање на политиките за регионален развој и застапување за рамномерен регионален развој.

Овој настан е во рамките на проектот Алијанса за регионален развој, поддржан со финансиска помош од Европската Унија преку програмата ЕИДХР 2014-2015.

Можат да се пријават сите заинтерeсирани кои покажуваат интерес за проширување на своето знаење од оваа област и кои поседуваат одредени предзнаења за темите поврзани со децентрализацијата и регионалниот развој.

Избраните кандидати ќе имаат можност да бидат вклучени во идните активности на Алијанса за регионален развој, првенствено со можност за истражување на некои аспекти поврзани со спроведувањето на политиките за рамномерен регионален развој, кое ќе биде финансиски поддржано од Алијанса за регионален развој.

Реализацијата на програмата ќе се одржи од 17 до 19 март во Хотел „Романтик“, Велес. За да се постигнат целите на програмата и за да стекнат сертификат за учество на обуката, од пријавените кандидати се очекува спремност за тимска работа и редовност во текот на целокупната обука.

Обуките ќе се одржуваат на македонски јазик, а презентери на обуката ќе бидат истакнати обучувачи за децентрализација и регионален развој со големо искуство во следење на политиките на регионален развој и долгогодишно искуство во соработка со локалните власти, националните и регионалните институции кои имаат ингеренции за спроведување на политиките за регионален развој. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива