ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Јавноста и еколозите победија: Студенчишкото блато останува во сегашната форма?!

Охрид, 31. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Под притисок на јавноста и еколозите, во новиот ГУП за регионот на Охрид, Студенчишкото блато останува во сегашната форма и на него нема да се гради најавената туристичка развојна зона со марина и други содржини.

Супер радио и OhridPress неофицијално дознаваат дека во ГУП-от за Охрид, кој е една точка оддалечен од привршување на процедурата, не е вцртана претходно помпезно најавуваната луксузна населба и марина на просторот на Студенчишкото блато.

Во одбрана на Студенчишкото блато изминатиот период застанаа бројни невладини организации, еколошки здруженија, но и експерти кои тврдат дека блатото постои и дека тоа ги претставува белите добови на Охридското Езеро. Според низа научни работници, Охридско Езеро се смета за најзначаен воден екосистем од биолошки аспект во светот. Според низа свои карактеристики (уникатност, старост, разновидност), живиот свет од Охридско Езеро е поставен на врвот. Но, очигледно, тој факт е тотално небитен за голем дел од македонската јавност. Живиот свет опстанал во период подолг од еден милион години и покрај драматичните промени во климата во тој период.

– Но во тој период немало човек. Една од главните тампон-зони кои оневозможувале внесување на материи (седимент, органски и неоргански материи) биле токму блатните екосистеми во крајбрежниот регион на езерото. Овие станишта биле главен фактор во одржувањето на нивото на хранителни материи во изминатите (барем) еден милион години, потсетуваат експертите.

studenciskoblatolepi4-640x360Пред околу две години, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески кој беше повикан од страна на опозицијата да присуствува на тогашната седница истакна дека, според него, сите урбанистички планови во Општина Охрид се носат согласно законската регулатива.

– Не знам од каде е впечатокот дека во Охрид прекумерно или неконтролирано се урбанизира. Тоа не е процес што може да се одвива зад затворени врати, туку транспарентен процес, рече тогаш Бакрачески, кој своевремено најави и експертиза од, како што рече тогаш, „експерт од Република Словенија (бил еден од најдобрите во Европа) кој ќе направи комплетен увид на состојбата на блатото и ќе даде негово дефинитивно размислување за тоа дали ревитализацијата е можна и ако е можна ќе ни даде понатамошни насоки како таа ревитализација да се изведе“.

ohrid15.01.20172Во меѓувреме охриѓани го кренаа гласот за заштита на овој дел од градот, кој, според многумина, е „последниот залак“ од овој габарит, за градба на првата линија на езерото. На социјалната мрежа Фејсбук е формирана и посебна група наречена Охрид SOS, која, како што напоменуваат администраторите, има за цел спречување на активностите планирани за урбанизација на зони покрај Охридското Езеро, кои според Нацрт-Извештајот од стратегиската оцена ќе имаат крајно негативни и неповратни последици врз езерото и неговиот екосистем.

– Природата не познава партии, па ни ние, затоа секој со моќ на одлучување во институциите кој направил грешка треба да се повика да ја коригира. Запомнете, не е тенденциозно да се биде гласен во лицето на неправдата, тенденциозно е да се молчи! Неправдата ќе опстои додека жртвата ја трпи. Не се плашиме од никакви етикетирања бидејќи знаеме кои сме и што сме – група загрижени граѓани кои се свесни дека власта е променлива, а природата бесценета. Сите наши постапки се секогаш и без исклучок инспирирани од овие убедувања, велат од Охрид SOS, од каде најавуваат активности за во понеделник, кога е закажана јавната расправа.

Тие потсетуваат и на ветеното во програмата на Бакрачески за Студенчишкото блато:

izbornastudencisko

Проф. др. Трајче Талевски од охридскиот Хидробиолошки завод, со отворено писмо до Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, своевремено реагираше на одлуката новата марина во градот да се гради кај Студенчишко блато, меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“.

– Ваквиот потег би претставувал катастрофална грешка, затоа што изградбата на марината би го уништила природното живеалиште на голем број растителни и животински видови, од кои дел се ендемски и живеат исклучиво во овој дел од Охридското езеро. Не барајте инвеститори за изградба на марина, барајте инвеститори за ревитализација, зачувување и заштита на Студенчишкото блато. Марина се гради секогаш и секаде, блато не можете, ниту Вие, ниту кој и да е да изгради. Тоа е „изградено“ пред милениуми, пред да го има и Охрид. А денеска со еден збор ќе се уништи цел еден екосистем за да се задоволат желбите на стотина сопственици на бродови, глисери и јахти. А ние каде сме ние останатите господине Градоначалник? Каде сме ние останатите 40.000 охриѓани? Просторот со површина од околу 30 хектари кој што е „потполно неизграден и неуреден“ е блато, господине Градоначалник, дециден е Талевски.

trajcetalevski3Проф. др. Талевски: Марина се гради секогаш, блато не можете да изградите

Според Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, негирањето на постоењето и значењето на Студенчишкото блато е целосно негирање на Охридското Езеро.

– Потребен е сосема поинаков пристап кон оние 25 хектари кои се под мочуришна површина, согласно со студијата, за да се заштитат, ревитализираат и стават во функција како на екосистемот, така и на новата туристичка понуда на Охрид. Проектот за заштита на Студенчишко блато, вреден 99.000 евра, нема да се реализира, бидејќи германскиот донатор ги повлекол парите поради измена на плановите за блатото. Вратени се назад и ќе се искористат за некоја друга блатна површина во рамките на Дримскиот басен, на Преспанско Езеро, Охридско Езеро или Скадарско Езеро, вели Пановски и потсетува на сличен проект кој функционира одлично во близина на Поградец, Албанија.

Заштитата на блатото Дрилон, во близина на Поградец започна во втората половина на 2012. година, со помош на Германското друштво за соработка (ГИЗ) и е дел од активностите кои се дел од поширокиот проект за конзервација и одржливост на биодиверзитетот на езерата од Дримскиот Басен – Охридското, Преспанското и Скадарското, инаку идејно активиран од страна на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро.

drilonblato1блатото Дрилон, кај Поградец

Ставањето на блатото Дрилон под заштита, покрај еколошкиот аспект има и особена туристичка важност, оттаму што покрај развивање на свеста на пошироката јавност за важноста од заштитата на биодиверзитетот дава и нова вредност на туристичката понуда што ја има Охридското Езеро.

drilonblato2блато Дрилон, скоро идентичен крајолик со Охрид

За потсетување, во јануари 2012 година беше објавена „Интегрираната студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и преземање мерки за негова ревитализација“, изработена од Друштвото за еколошки консалтинг „ДЕКОНС-ЕМА“, заедно со универзитетски професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод од Охрид, еколози и самостојни експерти. Во документот се назначува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското езеро, кое пак веќе неколку децении е ставено под заштита на УНЕСКО.

blatoproektдел од проектот на „ДЕКОНС-ЕМА“

– Идниот развој на Студенчишко блато треба да биде планиран, а просторот уреден, користен и управуван во согласност со неговите вредности и значење, се наведува во визијата за идното управување на ова заштитено подрачје. Не само што не дозволуваат изградба на нови објекти на овој простор, експертите во студијата наведуваат дека изградбата на патот кон крајбрежната полициска станица, објектот на АРМ и новите паркинзи за околните плажи уништиле дел од овој споменик на природата.

Во проектот се потенцира дека „наместо да се градат луксузни населби и марини, државните власти и општина Охрид за заштита на Студенчишкото блато, првенствено зоната за строга заштита што се простира на 15,65 хектари, мора да преземат конкретни чекори“.

– Најпрво да се овозможи регуларна комуникација меѓу блатото и езерото, односно одржување на минималната кота на подземните води на блатото. Воедно, треба да се отстрани асфалтниот пат кон Полициската станица, да се исчисти целокупниот отпад и да се премести постоечкиот расадник, стои во студијата која предвидува и реставрација на блатните заедници, ревитализација на брегот и на трската покрај езерото, како и цела серија на други мерки што благопријатно ќе влијаат на биодиверзитетот на Студенчишко блато, стои во проектот.

Охридското блато можеби ја доби битката. Дали ќе ја добие и војната, ќе покаже времето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука