gripvakcina

Институт за јавно здравје: До почетокот на април најмногу случаи на заболени од грип во Охрид

Охрид/Скопје, 9. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 13-та недела од 2017 година, односно до почетокот на април, во Република Македонија пријавени се 53 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип со инциденца од 2,6 на 100.000.

Забележано е намалување од 25,4% во споредба со минатата недела кога беше пријавен 71 случај.

Како што соопштуваат од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, изминатата недела, најголем број заболени беше регистриран на територијата на Центарот за јавно здравје Охрид.

– Највисока инциденца од 37,4/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид што сепак одговaра на ниска активност на инфлуенца вирусот, додека според инциденцата на 100.000 жители, многу ниска (вон-сезонско) активност се регистрира на територија на 10 центри, додаваат од Институтот за јавно здравје.

Во останатите центри за јавно здравје биле регистрирани поединечни случаи или воопшто не биле регистрирани заболени лица.

извор: Институт за јавно здравје фото: архива