heroinbogorodica

Седум килограми хероин запленети на Граничниот премин „Богородица“

Гевгелија, 18. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Царински инспектори од Одделението за оперативни работи запленија 7 килограми хероин на граничниот премин Богородица.

На 15-ти овој месец, на граничниот премин „Богородица“ на влез во Република Македонија се пријавило патничко возило со српски регистарски ознаки, управувано од државјанин на Република Србија. При контрола на возилото во два акумулатори, од кои едниот бил сместен под хаубата, а другиот во багажниот простор, царинските службеници пронајдоа вкупно 14 пакувања облепени со селотејп трака наполнети со кафеава прашкаста материја, за која по извршеното тестирање на тестер за дрога е утврдено дека се работи за хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми.

Осомничениот го набавил хероинот во Истанбул – Турција со намера да го пренесе во Нови Пазар – Република Србија.

Царинската управа против лицето поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Велес и осомничениот е изнесен пред судија на претходна постапка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Царина