nedelasolidarnost

Црвен крст ги повикува граѓаните да се приклучат во Неделата на солидарност

Охрид, 20. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност од 17 – 23 април, под мотото „Вашиот прилог – значајна помош“, Црвен крст Охрид организира хуманитарна собирна акција.

Акцијата е со цел подигање на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, за обезбедување на помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни способности од Охрид и Дебарца.

– Апелираме и ги повикуваме нашите сограѓани, фирми и институции да ја покажат својата солидарност и хуманост и масовно се вклучат во акцијата со, велат од Црвен крст Охрид.

Граѓаните можат да донираат материјални добра во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов” 52, сите денови на траењето на акцијата вклучувајќи ги и сабота и недела од 8 до 15 ч., како и на собирните пунктови за прехранбени производи во маркетите во Охрид. Исто така се собираат доброволни прилози на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот.

Се собираат парични средства, каде волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, ја реализираат акцијата – „Од куќа до куќа“. Парични средства можат да се донираат и на жиро сметката на Црвен крст со назнака за „Недела на солидарност”. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива