fustanimaturska

Кристина Арнаудова: Струшките донатори беа меѓу првите во нашата акција за помош на матурантите од социјално ранливи групи

Струга/Скопје, 20. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес завршува пријавувањето за хуманитарната акција за помош на матурантите, кои доаѓаат од социјално ранливи категории, која ја спроведува здружението „Проект среќа“ на македонската пејачка и музичарка Кристина Арнаудова.

Во акцијата „Среќно матуранти“ имаа можност да се пријавуваат волонтери од Струмица, Гевгелија, Неготивно, Велес, Берово, Делчево, Кочани, Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Гостивар.

Супер радио ја контактираше Кристина Петровски Арнаудова, идејниот креатор на оваа хумана акција, да ги сподели импресиите од организираниот настан, до крајниот момент – реализацијата.

– Акцијата се базира на принцип: баратели – донатори, или дарители. Првите донатори, кои се пријавија во нашето здружение, беа од Струга. Волонтерите од Струга беа ажурни во пријавувањето, но бидејќи од овој град се пријавија само донатори, а немаше лица матуранти од социјален ризик, волонтерите беа ослободени, затоа што немаа работа на терен. Но, сепак, донаторите, приватни лица од Струга се понудија да помогнат на матурантите од другите градови. Конкретно од таму беа донирани прекрасни фустани, вели за Супер радио популарната пејачка Арнаудова.

kristinaarnaudova

На ниво на целата држава, се пријавиле 85 лица, матуранти од социјално загрозени семејства, кои се обратиле за помош, додека вкупно 200 лица се инволвирани и како баратели и како дарители. Акцијата денес привршува и во останатите градови. За разлика од минатата година, кога хуманата музичарка го спроведувала проектот самостојно, годинава, како што открива, ѝ се приклучиле и соработници и администратори, кои помогнале во голем дел.

– Следната година би сакала акцијата да биде уште помасовна, со вклученост и на самите средни училишта, да има поголема координација. Моето здружение направи една сериозна програма за работа, затоа што сите матуранти не можат од различни причини да си дозволат да си купат свечена облека. Тековно се проведуваат активностите, каде донаторите, индивидуални лица, фирми и слично, се трудеа да ги исполнат желбите на матурантите, облеката која ја прават или купуваат за нив, да биде по вкус на самите млади. Доста позитивен момент е тоа што оваа акција е анонимна, особено затоа што станува збор за млади, оние кои добиваат помош, се анонимни во целиот процес, додава Арнаудова.

proektsreka

Но, хуманоста на здружението „Проект среќа“ не завршува тука. Според најавите, во септември, ќе биде организирана слична хуманитарна мисија за собирање на школски прибор и други потребни материјали за образование на учениците од социјално ранливите категории на граѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Кристина Петровски Арнаудова