Struga

Синхронизираната комедија „Малиот гангстер“ ќе се прикажува во Струга

Струга/Скопје, 20. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на Агенцијата за филм на Република Македонија денеска дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје, Агенцијата за филм и Медиа Програмата во Македонија, го претставија големиот меѓународен проект.

Република Македонија е носител на проектот, кој се состои од кино и онлајн дистрибуција на холандската детска комедија „Малиот гангстер“. Драмата од денеска, па во наредниот период ќе биде прикажана во неколку десетици киносали во Македонија, Хрватска и во Албанија, синхронизирана на јазикот на земјата каде се прикажува и истовремено на Video on Demand платформата Cinesquare.net.

Проектот е финансиран од МЕДИА програмата „Креативна Европа“. Во Македонија ќе се прикажува во 22 општини (Скопје, Битола, Прилеп, Струга, Кавадарци, Крушево, Струмица, Гостивар, Куманово, Штип, Делчево, Неготино, Велес, Македонски Брод, Дебар, Крива Паланка, Тетово, Св.Николе, Радовиш, Кичево, Могила.).

Во Скопје филмот ќе се прикажува во кината „Милениум“ и во „Синеплекс“. Еден филм се нуди на три јазика, во три земји, во стотина киносали, на онлајн-платформа со неограничен број можности за гледање на сите електронски уреди.

– Освен тоа што поддржуваме филмска продукција, Агенцијата за филм поддржува и промовирање на филмската култура, како и нови начини за кинодистрибуција не само на македонски, ами и на европски филмови. Од лани почна со работа МЕДИА дескот во Македонија и радува тоа што за многу краток период проектите што се работат од Македонија се препознаени по квалитетот, каква што е и платформата „Синесквер“. Оваа платформа ќе биде промовирана и во рамките на македонскиот ден на штандот на Југоисточна Европа во рамките на Филмскиот фестивал во Кан, рече Ѓоргоска-Иливска.

Со проектот се задоволуваат и голем дел од критериумите на програмата МЕДИА, како што се филмска едукација, градење на публика, алтернативна дистрибуција.

– Во ноември кога се сретнавме повеќе претставници на канцелариите на МЕДИА, тие веднаш го истакнаа проектот на „Катавеј“ за онлајн и офлајн промоција на филмовите. МЕДИА програмата е заштитен знак за квалитет. Од сто проекта, поддржуваат дваесетина, и многу значи што ние сме дел од тие малку препознаени проекти во Европа. Онлајн дистрибуцијата допрва ќе се развива во Европа, рече Владимир Стојчевски.

Компанијата „Катавеј“, исто така, доби поддршка од програмата МЕДИА во делот за онлајн-дистрибуција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива