gotvenejzabezdomnici

Ретвитни Оброк и Мрдни со Прст заедно во акција, готвење за бездомници

Скопје, 21. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес од 17:00 часот, во близина на Универзална Сала, Ретвитни Оброк заедно со Мрдни со Прст и DJ Goce SAF ќе готват за бездомници и ќе го прослават 2-от роденден на групата ентузијасти која подготвува и донира оброци на оние на кои им е најпотребно.

Секој е добредојден денеска, но и секој петок во иднина, да мрдне со прст и да помогне околу готвењето и пакувањето на оброци. DJ Goce SAF ќе биде музичката поддршка.

– Идејата „Ретвитни оброк“ се роди пред точно две години. Сега сме самоорганизирана група од дваесетина млади луѓе кои подготвуваат и донираат оброци на бездомниците во Скопје. Покрај тоа што сме дваесетина луѓе, секој петок ни се приклучуваат нови кои готват заедно со нас. Всушност, во петок ја готвиме храната за потоа секоја сабота од 12:30 часот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза истата храна се подели на оние кои се гладни и живеат на раб на егзистенција. Од скромниот почеток сега стигнуваат до повеќе од 150 оброци спакувани во алуминиумски садови. Бројот на оброци секоја недела постојано се зголемува, а ова се должи на се поголемиот интерес и јавувањето на се’ повеќе нови лица кои се приклучуваат, организации, фирми и хумани граѓани кои учествуваат било за подготовка, било за транспорт на оброците дури и низ повеќе градови во земјава. Се надеваме дека од сабота во сабота ќе имаме се повеќе луѓе кои што ќе донесат храна на нашето збирно место – зад Спомен-куќата на Мајка Тереза, изјавија од Ретвитни Оброк. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива