kukja gotova

Падна првата клапа од филмот „Дедо и внук“ на охриѓанецот Илија Пиперкоски

Охрид, 21. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Започна снимањето на играниот филм  “Дедо и внук” на охридскиот режисер Илија Пиперкоски.

Ова е првпат нашиот сограѓанин да режира игран филм, а воедно овој пат се јавува и како сценарист.

Според најавите од продуцентот Огнен Антов, филмот ќе се снима до 15 мај.

– Куриозитет е што за прв пат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во поновата македонска историја. За првпат имаме филм којшто комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај.
Генерално не планиравме дека ќе имаме вака ниски температури, па направивме некои измени, рече Антов.

Уште еден куриозитет што е поврзан со најновото филмско остварување на Пиперкоски. “Дедо и внук” се снима во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.

Режисерот Пиперкоски не можеше да го сокрие задоволството што ќе снима во својот роден град.

– Од кога се запишав на филмска академија го чекав да дојде овој ден,  не дека претходно не сум правел кратки филмови, но знаете кога снимате игран филм чуството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја искажите приказната. И верувајте ми неколку дена пред да започнеме не бев ни свесен дека доаѓа денот за снимање, потенцира Пиперкоски.

ilijaPiperkoski gotovaaa

Улогата на дедото во филмот му е доверена на познатиот актер Селаетин Билал. Станува збор за многу интересна улога, за случај кој ги има многу во нашата земја и насекаде во светот, рече Билал.

– Соработката со режисерот е многу пријателска, се договараме и има пријатни моменти во текот на работата. Сметам дека така ќе биде до крајот и дека ќе направиме добар филм, истакна Билал.

bilal2 gotovaa

Актерот Дејан Лилиќ ќе го видиме во улогата на внукот.

– Никола, ликот што го играм е кардио-хирург и има навистина тешка задача. Му се случуваат низа на интересни , невообичаени  пречки, затоа што буквално во еден миг целиот негов живот се врти наопаку, рече Лилиќ.

Во филмот ќе го видиме и актерот Горан Стојановски. За мене е огромна чест да бидам дел од овој филм, истакна Стојановски.

– Го играм ликот на Митко кој е сосед на еден од главните ликови, на дедо Никола. Практично тој го израснал него, затоа што Митко останал без родители уште како дете и практично е некаков вид на стожер на добрина и помирување  на сета онаа консталација која е случена во таа фамилија сакајќи или не сакајќи, рече Стојаноски.

Филмот “Дедо и внук” е копродукција помеѓу Македонија и Романија.
Агенцијата за филм на РМ со 16 милиони денари финансиски го поддржа филмот.  Вкупниот буџет е во висина од околу 400 илјади евра со подршката на Илијан филм од Романија.

Според очекувањата филмот премиерно ќе биде прикажан на почетокот од идната година во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес