emilijapetrovska

Емилија Петровска: Ми се оствари желбата да бидам од другата страна на екраните

Охрид, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во нејзиното семејство музиката има посебен пиедестал. Обожава англиска литература, а последно се фасцинира и пронаоѓа нова димензија во шпанската музика.

На талент шоуто OHRID SUPERSTAR ја пријавила нејзината сестра Марија, за која вели дека е нејзина огромна поддршка во животот. Неколку збора со Емилија Петровска, учесник на талент шоуто OHRID SUPERSTAR.

Супер радио: Ако убавите работи одат во пакет, тогаш твојот пакет е пеењето и сврењето гитара. За оние кои не ја познаваат, која е Емилија Петровска?

Емилија: Емилија е друштвена, насмеана и весела девојка која обожава да пее, компонира и свири гитара. Учам во СОСУ,,Кирил и Методиј’’ во Охрид, II година, медицина. Имам искомпонирано 2 англиски песни, кои се надевам ќе ги реализирам во иднина. Многу ја сакам музиката и со неа се дружам од мала. Музиката ја засакав, бидејќи ние дома сме едно музичко семејство каде музиката доминира преку цел ден. Хоби ми е да читам англиски книги, да играм кошарка и да свирам гитара. Ги сакам јазиците и голема љубов ми се англискиот и германскиот јазик.

emilijapetrovska1

Супер радио: Доста добро се носеше со тремата или пак тоа доста вешто го криеше. Си имала ли јавни настапи пред OHRID SUPERSTAR?

Емилија: Секако, имав малку трема која беше позитивна, но секогаш кога ќе излезев на сцената заборавав на таа мала трема и едноставно уживав во атмосферата. Да, имам настапувано на хуманитарни концерти, на предновогодишни забави, на патрониот празник на моето училиште, во училишниот хор и исто така имам настапувано на детскиот фестивал ,,Распеано Рибарче”.

Супер радио: Во кои музички жанрови најмногу се пронаѓаш? Имаш ли некои идоли кои посебно те фасцинираат и би сакала да го следиш нивниот пат?

Емилија: Најмногу се пронаоѓам во поп музиката, но во последно време слушам, пеам и свирам и шпанска музика која ми дава една друга димензија кон музиката. Имам повеќе идоли, но најомилени ми се Ariana Grande и Shawn Mendes. Shawn Mendes беше и се’уште ми е инспирација да свирам гитара, а татко ми ме насочи кон свирењето и ми помогна да го совладам.

emilijapetrovska2

Супер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде одскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?

Емилија: За пријавувањето на Ohrid SUPERSTAR ме пријави мојата сестра Марија која ми е најголемата поддршка во секое поле. Бев задоволна што учествував во ова шоу кое за мене претставува cool дружење со кандидатите, менторите и водителите. Воедно ми се оствари една долгопосакувана желба, а тоа е да учествувам на еден настан од ваков тип и да видам какво е чувството од другата страна на малите екрани. Гледањето себеси од кај малите екрани буди прекрасно чувство и затоа ги охрабрувам сите да се пријават на овој настан во иднина. Не е важна наградата, важно е да се слушнат повеќе неоткриени таленти кои ги има околу нас.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Емилија: Најголем впечаток ми остави настапот со песната Hurt од Christina Aguilera, бидејќи, се работи за многу тешка песна која ми е една од омилените и ја изведов онака како што очекував и се гордеам со тоа. Исто така, голем впечаток ми оставија посетите и вежбите на песните во студио каде жири комисијата макотрпно и континуирано не’ следеше. Забелешки не е можно да имам, бидејќи се’ беше одлично и во најдобар ред.

Супер радио: Најсилните импресии веројатно доаѓаат од целата таа дружба и новите пријателства стеканите преку OHRID SUPERSTAR. Имаше ли добра дружба и најважното, останавте ли во контакт со останатите кандидати и по завршувањето на шоуто?

Емилија: Секако дека останавме во контакт. Со некои од кандидатите и претходно се познававме, но овој настан ги продлабочи нашите дружења од кои ќе останат добар спомен за цел живот. Освен што се дружевме, заедно ја споделувавме тремата и се поддржувавме.

Супер радио: Покрај тоа што перку OHRID SUPERSTAR си обезбеди учество на фестивалот Охрид Фест, доби награда од жири комисија, песна потпишана од Даниел Јовески, Дамјан Пејчиноски, Јовица Каралиевски и Димче Китрозоски. Ова ќе биде твое првенче, па пред да ти ја срочат песната сакаш ли да им дадеш некои насоки, каква песна сакаш, брза, спора?

Емилија: Многу сум почестена дека жири комисијата ќе ми компонира песна која ќе биде отсвирена од нашиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски. Можам да кажам само дека сакам песната да е брза и весела, а бидејќи, беше подарок од жирито, оставам да биде по нивен избор.

emilijapetrovska3

Супер радио: Популарноста си има своја цена и најчесто наплатува на сметка на слободното време. Напорно ли ти беа подготовките и снимањето на OHRID SUPERSTAR и “трпеа” ли училишните и други обврски?

Емилија: Да, беше напорно, но уживав во секој момент. Ако го сакаш тоа што го правиш, ќе најдеш време за тоа и нема да ти претстои никаков напор. Одлично се справував и со училишните обврски и им благодарам на професорите за нивното несебично разбирање. Поддршка имав од моите другари и другарки и моите професори.

Супер радио: За крај, каде се гледа Емилија после 5 години?

Емилија: Па, како што врват годините, многу настани се јавуваат. Точно не можам да определам каде се гледам после 5 години. Сеуште експериментирам со моите вкусови. Но, едно е јасно-музиката и компонирањето секогаш ќе бидат присутни во било која доба од мојот живот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес