Македонија

ОН изрази загриженост поради случувањата во Македонија

Женева, 18. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Високиот комесар за човекови права на ОН изрази загриженост поради случувањата во Македонија и бара темелна и независна истрага по наводите за прислушување и кршење на човековите права.

Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН соопшти дека е длабоко загрижена поради континуираниот политички ќорсокак во Македонија и неговите импликации врз човековите права, пишува Дојче веле.

Портпаролката Сесил Пуили во Женева изјави дека Комисијата за човекови права е „особено вознемирена“ поради содржината на неодамна објавените разговори кои инкриминираат повеќе високи функционери во редица нарушувања на човековите права, вклучително и и изборна измама, вознемирување, мешање во судството и медиумите, како и масовно прислушкување.

– Загрижени сме и поради обвинувањата за шпионажа против лидерот на најголемата опозициска партија. Ги повикуваме властите итно да отворат независна, темелна и независна истрага за сите обвинувања за злоупотреби без оглед на нивниот извор и да обезбедат резултатите да бидат објавени во јавноста, вели Пуили.

На крајот на соопштението се бара од сите партии да покажат воздржаност и да отворат дијалог чија што цел ќе биде надминување на политичката криза со целосно почитување на човековите права. (Крај)

извор: Дојче Веле фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука