blato gotovo

Претседателот на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми во посета на Охрид и Скопје

Скопје/Охрид, 11. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На покана на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ во Македонија доаѓа врвен научник за блатни екосистеми – проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми.

Ферхуфен во Македонија, поточно во Скопје и во Охрид, ќе престојува од 15 до 19 мај.

Во Скопје ќе одржи серија предавања на Природно-математичкиот факултет и ќе биде специјален гостин на тркалезната маса во организација на Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во охридско-преспанскиот регион“ која ќе се одржи на 16 мај, а на која учество ќе земат видни научници од цела Македонија.

Потоа Ферхуфен заминува за Охрид каде што ќе го посети Хидробиолошкиот завод и ќе оствари работна средба со членови на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“.

– Причината за неговата посета е опасноста од уништување на Студенчишкото Блато во Охрид – последниот филтер на езерото и дом и прибежиште на многу ретки и ендемски видови. Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ две години непрекинато и посветено се бореше за заштита на Студенчишкото Блато што конечно вроди со плод и на последната стручна расправа во Општина Охрид беше потврдено дека Блатото останува строго заштитена зона. Сепак, целта не е докрај постигната бидејќи со заклучок на Владата од 2013 г. на Општината ѝ е наложено да се заштитат само 4 до 5 хектари земја што е драстично и неприфатливо помалку од 50-70 ха кои се предвидени со последната Интегрирана студија за Блатото. На Блатото не само што му е потребно да се заштитат сите негови делови кои се сè уште функционални, туку е неопходно и да се ревитализира она што било низ годините уништено, велат од Здружението ЕДЕН. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива